Кардиологот и хималаист Сашко Кедев одликуван со орден „8-ми септември“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со највисок орден „8-ми септември“, за особени засулуги во медицината, за исклучителните образовни и научни успеси, за активно учество во развојот на македонската демократија.

Пред речиси преполна сала на Македонската филхармонија, вечерва во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска Давковка, првиот човек на МАНУ, како и други пратеници, градоначалници и граѓани, Др. Сашко Кедев одржа презентација на неверојатниот подвиг - прв Македонец кој ги искачил сите 14 највисоки врвови на светот односно 14 врва над 8.000 метри надморска висина.

Овој подвиг го имаат малкумина луѓе во светот.

Прва на бина се појави претседателката Сиљановска-Давкова која порача дека академик и кардиолог Сашко Кедев е човек чиј персонален и општествен интегритет ги надминува границите на потесната стручна област.

„Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква“, рече Сиљановска-Давкова.

За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме, рече Сиљановска-Давкова, е да му оддадеме признание.

„Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите“, нагласи Сиљановска-Давкова.

КЕДЕВ ЗА СРЕДБИТЕ СО СМРТТА ОДБЛИЗУ

Во сјајно предавање проследено со фотографии и видео снимки од надчовечките подвизи при искачување на 14 „осумилјадарки“ на Хималаите меѓу Непал, Индија и Кина, Др. Сашко Кедев правеше духовни паралели за вечниот круг на животот.

Кедев раскажа и неколку потресни сцени кои се речиси неизбежни на смртоносните врвови на Хималаите. Зборуваше за трагичните настани кога на неколку експедиции загинувале член или членка кои биле со нив, како и некои од шерпасите кои засекогаш останале во снежните белини на хималајските масиви.

Од К2 преку Даулагири, па преку Лоце, Монт Еверест и другите страшни дивови, Сашко Кедев насекаде го развеал македонското знаме или шал со натпис Македонија. Тој додаде дека ова не се негови лични подвизи туку дека се тоа успеси на секој Македонец во светот.

23 ноември 2025 - 22:02