Јувентус во ЛШ ќари повеќе и од освојувачот

И додека македонските клубови редовно испаѓаат по првите натпревари и се задоволуваат со „ситнишот", европските гиганти ги пребројуваат сериозните суми од вкупно 904,6 милиони евра кои ги инкасираа од Лигата на шампиони.

Освојувачот на Лигата на шампиони, екипата на Баерн Минхен од ова натпреварување за сезоната 2012/13 заработи 55,046 милиони евра. Оваа сума вклучува 35,9 милиони од наградниот фонд, како и 19,146 милиони од фондонт за ТВ права.

И покрај тоа што Јувентус беше елиминиран во четвртфиналето и тоа токму од Баерн Минхен, италијанскиот шампион заработи дури 10 милиони евра повеќе од освојувачот на најелитното европско клупско натпреварување. Тие заработија најмногу благодарение на големиот дел од фондот за ТВ правата од нивната земја.

Финалистот Борусија Дортмунд ќари 54,161 милиони, а зад нив се Милан (51,4м), Реал Мадрид (48,4м), Барселона (45,5м) и ПСЖ (44,7 милиони евра).

Освојувачот на Лига Европа, екипата на Челси од ова натпреварување заработи 10,7 милиони, а финалистот Бенфика доби 5,7 милиони евра.

24 јули 2013 - 09:13