Јувентус доминира само против слаби клубови

Актуелниот првак на Италија и оваа сезона е на лидерската позиција во Серија А, но за разлика од минатата сезона кога го освоија Скудетото без ниту еден пораз, сега победуваат само против слабите тимови.

По 17 одиграни кола Јувентус се наоѓа на првата позиција со 41 поен, 7 повеќе од Интер на втората и 8 повеќе од Лацио на третата позиција.

Во досегашниот тек од сезоната Јувентус загуби 10 поени од максималните 51 и сите против екипи од горниот дел на табелата. Јувентус ги победи Рома и Наполи, а ремизираше со Фиорентина и Лацио и загуби од Интер и Милан.

Од максимални 18 поени од овие 6 натпревари, Јувентус освои само 8, за разлика од минатата сезона кога во првиот дел од сезоната против истите противници освои 14 од 18 поени. Лани Јуве беше немилосрден со фаворитите, а губеше поени против помалите екипи. Минатата сезона по 17 одиграни кола имаше 5 нерешени, од кои 2 беа со екипи како Болоња и Каљари, а оваа сезона Јувентус доминира против послабите екипи и на 11 натпревари оствари 11 победи.

Една од причините за овие резултати е слабата форма на напаѓачите. Јувентус има втор најдобар напад во лигата, но само 15 од вкупно 36 гола се постигнати од напаѓачите Кваљарела, Џовинко, Вучиниќ и Матри, а Бендтнер постигна 0.

Проблем кој сериозно би можел во иднина да влијае на резултатите е распоредот на Јувентус. Минатата сезона тие беа фокусирани само на лигата затоа што не учествуваа во ниту едно европско натпреварување, а оваа сезона очекуваат тешки натпревари во следната фаза од Лигата на шампиони и тежок распоред во Серија А.

На Јувентус му претстојат 6 дуели против екипи од горниот дел на табелата од кои во досегашниот тек на сезоната тие губеа поени. Во Торино ќе гостуваат Милан и Фиорентина, а Јувентус ќе им гостува на Интер, Рома, Лацио и Наполи.

18 декември 2012 - 18:54