Сторијата за Леон Бејли од Јамајка

Од најстрашно гето во Јамајка до најбаран талент во Европа

Во 2015-та година еден познат писател од карипската земја Јамајка ја доби најпрестижната „Букерова награда“ за неверојатниот роман, а она што се случи со едно дете од неговиот роден град би можело да биде сценарио за филм за Оскар.

Што знаеме ние за Јамајка? Се разбира, музиката, песните, најбрзиот човек на планетата Усеин Болт, легендарниот Боб Марли чијшто музеј е еден од симболите на главниот град на Јамајка - Кингстон.

Малкумина знаат дека во 2015-та година јамајканскиот писател Марлон Џејмс станал добитник на Букеровата награда - најпрестижна премија за литература за писатели на англиски јазик. Марлон Џејмс ја добил наградата за делото „Кратка историја на седумте убиства“ - A Brief History of Seven Killings (2014). Романот, бил трет во библиографијата на авторот и стекнал планетарна слава.

Интересно е дека кога првпат барал да го објави, се обратил во 78 различни изадавачки куќи и секаде го одбиле.

Не, не сте промашиле сајт, зошто следува интересна историја за страшен млад фудбалер од Јамајка. Леон Бејли е најголемата млада ѕвезда во Европа во моментов. За него стигнуваат бројни пофалби, понуди, тој е славен и богат милионер, но не заборавил дека дури и најмоќниот вртлог започнува со мало ветре. Таква е и приказната за фудбалскиот пат на малиот Јамајчанец.

Гето, криминал и Крег Батлер

Леон Бејли, како и писателот Марлон Џејмс, се родил во Кингстон, само за разлика од сонародникот, растел во најзаебаниот реон во градот - Касава Пис. Такво гето нема ниту во бразилските фавели. Таму важат закони на ѕверовите и секој е обврзан да се бори за својот живот.

Во такви услови растел и нашиот херој. Од детството собирал шишиња и играл фудбал. Навечер сонувал дека игра на Светско првенство како славните јунаци на Јамајка од ’98-ма.

Мајка му на Леон работела во локалното школо и со сите сили се борела да го заштити малиот до погубното влијание на бандитскиот асфалт. Во тоа ѝ помагал маж којшто брзо влегол во животот на син ѝ, го заменил неговиот татко а подоцна добил старателство над малиот кога мајката била на смртна постела.

Притоа, презимето Леон го задржал од мајка му што е разумно ако се знае дека биолошкиот татко немал никаков удел во неговото воспитување. Името на човекот кој се грижел за него е Крег Батлер. Во тој момент Батлер водел младинска академија Phoenix All Stars во која на 7 години го запишал и Бејли.

Уште од првиот тренинг Крег обратил внимание на талентираното дете и од тогаш не го испуштал од вид. Брзо сфатил дека од бисерот наскоро може да заработи милиони зелени банкноти. Така, брзо решил да ја смени службата и да стане агент што му одговарало со карактерот.

Но по некое време Леон не ги доработувал тренинзите и буквално лазел по тревата без чувство. Кога сфатил дека малиот два дена не јадел ништо, Батлер решил да добие уште еден син. Бил свесен дека е должен да се грижи за животот на детето.

Леб со лук и вода. Виенски страданија

Сосема скоро Леон живнал и го викнале во јуниорската репрезентација на Јамајка. Играл на три првенства на централна Америка во категорија на различни возрасти (U13, U15, U17). На сите три турнири бил прогласен за MVP, а два од три пати станал најдобар стрелец.

Станало јасно дека наскоро ќе се укрца на брод за пат преку Атлантикот без да биде свесен каква олуја го чека.

Заедно со Бејли во Европа отишле и Батлер, неговиот роден син Кајл и уште двајца најдобри играчи од Академијата: Кевон Аткинсон и Ромарио Макнајт. Леон првпат тргнал на толку далечно патешествие. Европа ја замислувал како копно на кое ќе најде стабилност и во мир ќе може да игра фудбал.

„Па како? Па сигурно дека ќе станеш голема ѕвезда, Леон. Јас верувам во тебе, ти во мене и ќе освоиме сè“, му шепотел Батлер на уво на малиот додека патувале со економска класа. Леон Бејли само климнал со глава и насмевнал.

Прво пристаниште им станала Австрија каде ги чекал еден од денес најдобрите тренери за млади во Европа, а во тој момент координатор на јуниорските тимови на Ред Бул Салцбург Перси ван Лиероп. На почеток, Батлер решил да ги прати децата во Рапид Виена каде договорил двонеделна проба.

Јамајканската фудбалска делегација се соочила со необично студена клима. Стигнале само со маици, дресови и шорцеви од Јамајка кога на австриско тло термометарот едвај покажувал 10 степени Целзиусови.

Таквата ситуација не можела а да не влијае на расположението на малите фудбалери. Леон не бил исклучок. Од четворицата само Макнајт добил зелено светло и по две недели тројца од четворицата ја напуштиле базата на Рапид.

„Ако верувате стававме кромид во саксија за да подпорасне и го јадевме со леб и вода. После неуспешната проба, немавме веќе пари“, се сеќава Крег Батлер кој не знаел што го чека понатаму.

Леон скитал по Виена, стоел пред излозите и не му се верувало дека не успеал. Мислел дека Европа не го прифатила.

Дента ги собрале работите од гостилницата и отишле на железничката станица во Виена. Рапид не подмирил 14 дена престој во хотел, а Батлер никако не можел да го добие Ван Лиероп па решил да преспијат на станицата. Пари едвај имале за повратна карта до Јамајка.

РЕД БУЛ САЛЦБУРГ И 76 ГОЛА НА 18 МЕЧА

Ван Лиероп видел пропуштени повици и кога дознал дека гостите од Јамајка имале тажна сторија, го викнал Крејг кај него во Салцбург. Таму Ван Лиероп тренирал деца во клупчето Аниф, екипа која таа година потпишала договор за соработка со гигантот Ред Бул и била филијала во системот на фудбалскиот проект на Салцбург.

Така, Леон и двете другарчиња влегле во системот на Ред Бул но на крајот Крег Батлер се соочил со строгите правила на ФИФА која стриктно забранува премин на малолетни фудбалери, па Салцбург сакал да ги заобиколи правилата и го назначил за скаут на клубот.

Паралелно Леон Бејли правел чуда на теренот. Во првиот меч за Аниф го победиле тимот Аднет со 7:0 а пет од седум гола дал Бејли. Ван Лиероп не можел да верува што гледа.

„По ѓаволите, Крег! Што си ми донел? Малиов трча како молња и не губи ладна глава! Ваков брилијант мора да им го покажам на тренерите во Ајакс“, му рекол Холанѓанецот на Крег Батлер.

На 18 меча за Аниф малиот Леон дал 76 (!!) гола. Брзо клубот бил викнат на младински турнир каде учествувале: Баерн, Мајнц и Ајакс. Во составот на Австријците особено внимание привлекла карипската бригада. После турнирот им организирале проба во Баерн, Мајнц, Хамбург и Ајакс. Батлер решил да им даде шанса на Германците па на сите други. А тие се решиле за малиот Аткинсон кој потпишал 5-годишен договор со Баерн Минхен. Бејли и малиот Батлер не поминале и заминале за Холандија.

Јамајканскиот дует одлично се покажал и во младата екипа на Ајакс каде настапиле за состав под името "The Lancers", младинска категорија на тимот од Амстердам. Тренерите биле воодушевени од играта на Јамајчаните а во тоа време на главниот терен тренинг имале младинците кои ги следел Франк де Бур.

„Не е нормално колку е брз. И на таква брзина има блескава техника. Тоа е извонредна комбинација“, рекол Франк Де Бур.

Било јасно дека Бејли е поголем талент кој во иднина ќе стане страшен играч. Но пак се испрсил сериозен проблем при потписот на договорот - правилата на ФИФА. Малолетните играчи под 18 години кои немаат државјанство и пасош во земјите од ЕУ не смеат да потпишуваат договор. Многу клубови, во таа смисла и Ајакс биле спремни да потпишат со малиот но не можеле против правните механизми на главната светска фудбалска организација. Им предлагале усмена согласност, но Крег Батлер бил нестрплив. Својот брилијант сакал да го даде само со официјален договор црно-на-бело.

Тежок премин и гангстерската историја на Крег Батлер

Леон Бејли и неговиот „татко“ Крег Батлер

Од игралиштата на белгискиот Генк излегоа многу бисери како: Кевин де Брујне, Калиду Кулибали, Милинковиќ-Савиќ и многу други на списокот. Белгискиот клуб му предложил на Батлер дека е спремен да му понуди најдобри услови на малиот и Леон откако ги завршил сите документи во Ред Бул се упатил кон Белгија.

Во тој момент името на Бејли веќе и беше познато на светската фудбалска јавност, и него го следеа не само скаути, но и поборници на фудбалските закони кои не дозволувале трансферот да се заврши. Се вмешала и белгиската полиција. Батлер не отстапувал од планот и и предложил на управата на Генк да потпишат партнерски договор со неговата академија во Кингстон од каде Бејли и други перспективни деца лесно би доаѓале.

Генк одбил зошто го сакал само Бејли а не можел да ја контролира и академијата во Јамајка.

Батлер тогаш се вратил дома каде веќе го гонеле за незаконско селење малолетници од Карипскиот басен во Европа. Неговата академија имала сериозни проблеми со Фудбалската федерација на Јамајка. Хорациј Балер - тогашниот претседател на федерацијата во Јамајка сакал да го уништи Батлер и со сите сили се трудел да му ја затвори академијата и да го стави зад решетки.

Тогаш Батлер се решил за бегство. Собрал пари и избегал во Мексико каде измислил приказна дека го ограбиле, го киднапирале, го мачеле, само за мексиканските власти да не го депортираат во Кингстон. На крајот Батлер стигнал до Белгија каде неговиот бисер веќе давал голови за младинците на Генк. А дома, федерацијата и властите му изрекле забрана за било какви фудбалски активности во рок од шест години.

После неколку месеци престојот на Јамајчаните во Белгија бил нелегален а Генк и покрај максималните обиди да им обезбеди престој и најдобри услови, не ги убедил властите за нивен престој на територија на Евро-зоната.

Батлер се скарал со директорот на Генк и ги однел децата во Стандард Лиеж но и таму трансфер им бил одбиен.

СУДБИНСКИ ГЕНК

Во 2013-та кога Леон Бејли и Батлер помалиот наполниле 16 години отишле да потпишат со словачкиот клуб Тренчин. Овој клуб е филијала на Ајакс и по секоја процена, тие на крај требале да завршат во Ајакс. Но тогаш управата на Генк решила да ги исправи сите правди и неправди за да го добие брилијантот. Но според условите на Батлер: Генк морал да го земе во тимот и неговиот син Кајл. Страните се договориле така што Леон потпишал за првиот тим, а Кајл Батлер за Генк II кој игра во втората белгиска лига.

Си дале рака а Тренчин заработил 1,5 милиони евра.

Во 2015-та година Бејли заиграл на десното крило, проигрувал, асистирал и давал голови со ефектни финти. Во сезоната 2015/2016 го прогласиле за најдобар млад фудбалер на Жупилер Про Лигата. Неговата статистика 6 гола и 4 асистенции била одличен учинок за 18-годишно дете кое никогаш не играло на такво ниво претходно.

Благодарение на Леон, Генк изборил пласман во Лига Европа следната сезона а во 2016/2017 во групната фаза имал 4 гола и 2 асистенции. Кармата сакала да игра против Рапид Виена која пред неколку години го оставила Јамајчанецот без кров над глава. Бејли им даде два гола иако Рапид славеше со 3-2. Но одмаздата била слатка.

ВРЕЌИ ПАРИ ВО ЛЕВЕРКУЗЕН - БАТЛЕР ТРИЕ РАЦЕ

По таквото деби на европска сцена за Леон Бејли се обратиле сериозни клубови како Челси и Манчестер Јунајтед, но и Баер Леверкузен, Вердер и Спартак Москва. Сите кружеле со понуди а на крај најконкретен бил клубот од Леверкузен кој на Генк му платил 12,5 милиони евра за трансферот на талентираниот бисер од Јамајка.

Првата полусезона во составот на Баер не му беше најуспешна зошто германската лига не е иста како и белгиската, но на Леон му требало малку време да се адаптира во новата средина.

Во предсезонските подготовки со германскиот клуб, малиот Леон го истиснал од составот и германскиот репрезентативец Карим Белараби а според авторитетниот Kicker станал најдобар играч во Бундеслигата во првата полусезона. Неговата просечна оцена била 2,17. На пример еден Арјен Робен има оценка 2,85. Во Германија оцените движат од 1 до 5.

Леон Бејли за брзо време стана клучен играч на Баер Леверкузен. Неговите показатели: 2,6 удари во рамки на голот по натпревар, асистенции за гол 1,9 и точни додавања 1,9 покажуваат дека тој е лидер на тимот. Има широк дијапазон на движење, игра лево, десно или на средина со активно вклучување во сите аспекти од играта: од одбрана до напад.

Неговите спринтерски чуда потсетуваат на неговиот славен сонародник.

„Добро се познавам со Усеин. Близок другар ми е и општо важи за добар човек. Многу сака да патува по Германија“, изјавил во една прилика Леон Бејли.

Зделката со Леон Бејли не само што му донесе многу на клубот во целост, туку и на некои вработени. Успешните настапи на Јамајчанецот му овозможила на Французинот Лоран Бусер (неодамна главен скаут на Баер) во средината на јануари да потпише за Баерн Минхен. За 46-годишниот скаут трансферот на Бејли бил најголем „улов“ во кариерата.

Денес Бејли вреди 30-40 милиони евра и неговата цена постојано расте.

А кого заборавивме во приказната? Се разбира, Крег Батлер. Неговата авантура завршила така што заработил многу пари, неговата академија во родниот Кингстон и натаму работи и регуларно тренира талентирани деца кои подоцна одат на Малта во клубот филијала Сент Ендрјуз со која Phoenix All Stars заклучил партнерски договор. Таму игра и Батлер малиот кој не успеал да се снајде во Генк.