Италијанците го одбиваат предлогот на човек околу Трамп - не сакаат на Светско

Спортските и владини официјални лица во Италија остро и отворено го отфрлија предлогот на американскиот пратеник со италијанско потекло Паоло Ѕамполи, аѕурите да играат на Светско првенство наместо Иран.

„Не е соодветно. Квалификувајте се на терен“, рекол Андреа Абоди, министерот за спорт на Италија кој додал и дека таква промена од страна на ФИФА не е возможна.

Првиот човек на италијанскиот Олимписки комитет (CONI) Лучано Буонфиљо се согласил со Абоди и додал: „Би бил навреден. Мораш тоа да го заслужиш, да одиш на Светско првенство“.

Министерот за економија на Италија, пак, Џанкарло Џорџети додал дека него би му било срамота на тој начин репрезентацијата да оди на Светско првенство.

Овие коментари доаѓаат откако американскиот пратеник Паоло Ѕамполи рекол дека побарал од ФИФА Италија да го замени Иран на Мундијалот летово. Аѕурите испаднаа претходно во финалето на баражот за пласман на Светско од Босна и Херцеговина.

„Потврдувам дека им предложив на Трамп и на Инфантино Италија да го замени Иран на Светско првенство. Јас сум Италијанец по потекло и би ми бил сон да ги видам аѕурите на турнирот кој се одржува во САД. Со четири светски титули тие имаат педигре кое го оправдува вклучувањето (на Светско)“, рекол Ѕамполи за Фајненшел Тајмс.

Италија ќе пропушти и трето Светско првенство по ред што никогаш не им се случило во историјата откако изгубија на пенали после продолженија од Босна и Херцеговина во Зеница.

Во меѓувреме Иран се уште не знае дали ќе се појави на Мундијалот на 28-ми февруари во САД.

ФИФА сега за сега ги одбила сите прашања во врска со барањето на американскиот пратеник Ѕамполи и упатиле на изјавата на претседателот Инфантино дека Иран сепак ќе учествува на Светско затоа што тоа го заслужил на терен.

Иранските фудбалери играа пријателска против Костарика во Турција минатиот месец а Инфантино тогаш потврди дека Иран ќе игра на Мундијалот „како и што треба, според ждрепката“.

Иранската фудбалска федерација во април побарала од ФИФА да им ги премести натпреварите од САД во Мексико.

24 април 2026 - 09:38