По 42 кола во првенството и 5 положени испити во баражот, трет нов прволигаш во Серија А е Беневенто: Екипа која пред 13 месеци играше во третата Лега Про. Претходно карта за елитата обезбедија СПАЛ и Верона.
Првпат во 87 години постоење, „Вештерките“ ќе настапуваат во големото друштво на Серија А.
ИСТОРИЈА НА КЛУБОТ
Беневенто е основан во 1929 година во регионот Кампања на 100 километри од Неапол. Градчето Беневенто има 60.000 жители. Од формирањето, овој клуб осум пати го менувал своето име а најмногу се натпреварувале во Серија Ц/Лега Про (49 сезони). Во втората лига Серија Б првпат влегле во сезоната 1945/46 но не играле поради финансиски проблеми.
Во долгата историја Беневенто 11 пати се промовирал од понизок во повисок ранг.
КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ВЕШТЕРКИТЕ
Социјалните бои на Беневенто се жолта и црвена на вертикални риги. Логото на клубот се повикува на традицијата на Беневенто како „градот на вештерките“. Митот оди до таму дека во паганската традиција луѓето во Беневенто правеле ритуали на реката Сабато и затоа другите ги завикале вештерки.
Во народното верување “Јанара“ била главната волшебничка која што во Беневенто ги собирала сите вештери и вештерки. Оваа легенда стана симбол и оттука прекарот на фудбалскиот клуб, “вештерите“.
Во Беневенто се продава и ликерот „Strega“ (Вештерка), дигестив од шафран и 70 други тревки. Рецептот е останат тајна од 1860 година.
МАКЕДОНЕЦОТ НИКОЛА ЈАКИМОВСКИ ИМА УДЕЛ ВО УСПЕХОТ
Дел од фантастичниот подвиг на Беневенто е и 27-годишниот Никола Јакимовски, фудбалер роден во 1990-та во Крива Паланка и некогашен младински репрезентативец на Македонија.
Јакимовски својата кариера ја започна во Македонија Ѓорче Петров пред речиси 9 години, а фудбалската судбина го носеше во Ференцварош, Јавор Ивањица, Нагоја Јапонија, Јагодина, Варезе, Комо, Бари и на крајот Беневенто.
За „жолто-црвените“ левокрилниот напаѓач сезонава одигра 10 меча и постигна 1 гол.
ВИГОРИТО И ИМБРИАНИ НАЈОМИЛЕНИ
Беневенто ги пречекува гостите на стадионот „Чиро Вигорито“, стадион со капацитет од 12.847 гледачи кој од 1979 година го заменил стариот „Џенаро Меомартини“ посветен на почесниот претседател. На почетокот стадионот се викал „Санта Коломба“, а денес го носи името на братот на актуелниот претседател патрон Оресте Вигорито, Чиро Вигорито кој починал во 2010 година.
Покрај омилениот Чиро Вигорито, вистинска икона на клубот е и Кармело Имбриани некогашен капитен а потоа тренер на клубот кој на 37 години тешко се разболел и починал во февруари 2013-та.
Имбриани бил поранешен играч од средината на Наполи, Џенова и Козенца, но најмногу настапи имал за саканиот Беневенто. Тој и Чиро Вигорито остануваат симболи на клубот којшто не ги заборави во најголемиот успех на теренот и промоцијата од Серија Ц во Серија А.
Benevento non dimentica Carmelo: l'omaggio del Vigorito a Imbriani https://t.co/E1ZU7P3vHe #iviaggidispeedy pic.twitter.com/ypyAzRCrNl
— Giuseppe Spitaleri (@iviaggidispeedy) February 11, 2017
СРУШЕНО ПРОКЛЕТСТВОТО НА ПЛЕЈОФОТ
Првото големо разочарување Беневенто го имал во 1976 година кога изгубил од Лече во борба за повисок ранг. Од 1991 година до пред три години, „џалоросите“ испаднале дури во 12 од 14 обиди за влез во втора лига.
ЦЕЛ ГРАД СО КЛУБОТ
Ако Клементе Мастела, доктор и политичар од Беневенто како градоначалник прави многу за клубот надвор од теренот, на теренот тоа е Марко Барони, тренерот на клубот.
Барони (1963) е поранешен дефанзивец на Наполи којшто го купил за 2 милијарди лири во 1989 и кој го дал историскиот 3.000 гол во историјата на Наполи, но запаметен по голот против Лацио во последното коло кое му го донело второто Скудето на Наполи.
Тренерската кариера, Марко Барони ја започнал во младинците на Јувентус, Ланчано и Новара и после 25 години повторно се вратил на Југот.
БОМБАРДЕРОТ ЧЕРАВОЛО
Артист во слободно време, како Енди Ворхол, човекот со кој се идентификува целиот клуб е Фабио Чераволо, 30-годишниот центарфор кој даде 21 гол сезонава и е втор стрелец зад Пацини од Верона.
Никогаш не бил „поубиствен“ во кариерата (најмногу дал 11 во Реџина и Тернана).
Чераволо е најзаслужен за големиот успех на Беневенто затоа што во претпоследното коло во 93’ минута дал гол против Фрозионе и на клубот му обезбедил плејоф. Чераволо стана еден од најдобрите стрелци на сите времиња во Беневенто: со 69 постигнати гола.
Но без помошта од соиграчите Чераволо не би можел ништо. Беневенто ја заврши сезоната на 5. место со 65 бода, 56 постигнати гола (5-ти најдобар напад) и пласман во баражот. А таму: ги победуваше Специја и Перуџа се до крајната прослава на успехот против Карпи синоќа.
Лудата прослава на успехот и журката на стадионот:
Тимот е спој на искуство и младост, а носители на играта се позајмените клинци Крањо, Венути, Чибзах, Фалко и Пушкаш, како и искусните Лопез и капитенот Лучони. Најголемо изненадување е малиот Амато Чичирето, позајмен од Рома. Чичирето стана најдобар асистент во Серија Б со 12 успешни додавања за гол.
Беневенто, како и СПАЛ се единствените екипи кои после само една сезона во Серија Б успеале да се пласираат во Серија А.
Хајлајтс од реваншот на баражот со Карпи: