Вечерашното гостување на Реал Мадрид против Малме ќе биде нивниот прв официјален натпревар против екипа од Шведска. Кралевите досега гостувале во две скандинавски земји, но никогаш до сега не се паднале со шведски тим на меѓународните натпреварувања.
Во Норвешка играле против Мос, Молде и Розенборг, а во Данска против Одензе и Копенхаген. Од досегашните искуства во Шведска им се двете далечни турнеи од 1934-та и 1960-та година, потоа пријателски меч против ПСЖ во 2013-та и финале во Купот на победниците во 1983 година против Абердин од Шкотска.
Првата екскурзија во Шведска во 1934 година била дел од турнејата која кралскиот клуб ја почнал во Германија во Дизелдорф и Сарбрукен. Потоа фатиле брод на Балтичко море за да стигнат до Стокхолм, каде ги пречекале претставници од Шведската фудбалска репрезентација која на СП 1934 стигнала до четвртфинале.
Реал предводен од ѕвезди како Киријако Ерасти, Рикардо Замора, Хасинто Кинкосес на 13 јули играл против АЈК од Стокхолм и ремизирал 1:1. По два дена го совладале Норкопинг со 5:1, а следното гостување им било на 17 јули против Содерхам каде победиле 6:1, а Еугенио Хиларио дал 5 гола.
Следната рута им била во Гетеборг каде одиграле 3:3 против ИФК, а потоа го совладале тимот составен од лигата со 5:1. На скандинавската авантура најпрецизен бил Хиларио со 7 погодоци.
На втората турнеја во Шведска во август 1960 година, Реал Мадрид заминал како голема сила, три месеци откако станал по петти пат Европски првак и тоа со историската победата во финалето против Ајнтрахт од 7:3.
Кралевите повторно оделе по истата тура. Прво во Германија, овој пат во Келн и Берлин, потоа во Данска, Копенхаген и на крај во Шведска. На почеток биле изненадени со 2:1 од Дјургарденс од Стокхолм, а потоа го совладале Гетеборг со 5:4. Два гола на таа средба дал Агне Симонсон, првиот и единствен шведски фудбалер кој има заиграно за Реал Мадрид.
53 години по тој меч, Реал Мадрид отпатува во Шведска и одигра пријателски натпревар против ПСЖ кој заврши 1:0 со голот на Бензема. Таа година е историска за кралевите бидејќи тогаш ја прославија и јубилејната десетта европска титула.