Лидер во англиската Премиер лига е Ливерпул кој му бега на второпласираниот Сити цели 22 бода. Таму се очекува „црвените“ наскоро и теоретски да ја заверат титулата. Манчестер Сити е втор со 51 бод, Лестер е трет со 49, Челси е четврт и освои 41 бод. Им се приближува Тотенхем кој има 37 бода после 25 кола, а тука е и изненадувањето Шефилд Јунајтед со 36 бода. Манчестер Јунајтед е 7-ми со 35 бода, а Арсенал дури 10-ти со 31 бод (неверојатни 42 бода помалку од Ливерпул).
Поинтересна ќе биде борбата за опстанок во лигата. Кандидати за испаѓање се Норич (18 бода, последен), Вотфорд (23 бода, претпоследен), Вест Хем (18-ти со 24 освоени бода). Над цртата за испаѓање се Астон Вила (25 бода), Борнмут (26 бода) и Брајтон (26 бода).
Во шпанската Ла Лига, после 22 одиграни кола, „орото го води“ Реал Мадрид со 49 бода, пред Барселона која има 46 на второто место. Големо изненадување е Хетафе кој е трет со дури 39 освоени бода колку што има и четвртопласираната Севиља. Неочекувано слабо е пласиран Атлетико Мадрид кој е 6-ти со 36 бода (имаат 9 нерешени средби и 4 порази) За место во Европа стандардно ќе се борат Валенсија, Виљареал и Реал Сосиедад.
Како што стојат работите, за опстанок битка ќе бијат последнопласираниот Еспањол кој има мизерни 15 бода и со една нога веќе е во Сегунда, Селта Виго (претпоследна со 17 бода), Леганес кој е 18-ти со 18 бода и Мајорка со исто бодови на 17. место.
Италијанската Серија А после неколку сезони доминација на Јувентус, овојпат е далеку поинтересна.
Јуве и Интер неколку пати сезонава се сменија на првата позиција, а бјанконерите во моментов се први со 3 бода пред Интер и 5 бода пред Лацио кој има меч помалку (против Верона во среда вечер). Токму римскиот клуб е најпријатно изненадување сезонава во борбата за самиот врв.
Тимот предводен од Симоне Инзаги има дури 15 победи и 49 освоени бода. Со евентуална победа вечерва, ќе му се приближат на Јувентус на само 2 бода разлика.
10 бода подолу заостануваат Аталанта и Рома на 4. и 5. место (имаат по 39). Каљари, Парма и Милан се на 6-то, 7-мо и 9-мо место со по 32 бода (цели 22 бода помалку од лидерот Јуве). Разочарувачка сезона игра Наполи кој има 6 нерешени средби и дури 8 порази и тешко е да се верува дека ќе стигнат до место кое води во Лига на шампиони.
Епилог кој води во втората лига Серија Б ќе се обидат да избегнат Спал (15 бода, последен), Бреша (15 бода, претпоследна), Џенова (16 бода, 18-то место). Жестока битка за спас ќе водат и Лече, Сампдорија и Удинезе.
Во Германија е најинтересно во последните 10 и повеќе години. Се одиграа 20 кола а табелата изгледа вака: Баерн има само 1 бод повеќе (42) од вториот Лајпциг (41). Дортмунд е трет со 39 бода колку што собра и 4-от Менхенгладбах. Баер Леверкузен е на 5. место со 34 бода а толку има и шестиот Шалке 04.
Последен на табела е Падерборн со 15 бода, Фортуна е претпоследна со 16, Вердер е на место кое води во баражот со 17 бода. Им гори под нозе и на Мајнц, Келн и освежената Херта која доби прилив на нови пари и засилувања.
Во Франција ПСЖ до пред неколку недели му даваше некаква надеж на Марсеј дека може да има интересна пролет, ама Парижаните во неколку кола се одлепија и сега после 23 одиграни кола му бегаат на Олимпик 15 бода (Марсеј има меч помалку).
ПСЖ е прв со 58, Марсеј втор со 43, Рен е трет со 40, а Лил има 37 бода на 4. место.
Скоро испаднат во втора лига е Тулуз кој има 13 бода и заостанува 11 поени зад местото над цртата кое гарантира опстанок. Тешко ќе им биде и на Ним, Амиен, Дижон и Мец.