Ако на некој не му е јасно за каква доминација станува збор оваа сезона на островот, нека биде внимателен на следниот податок кој вели вака:
Моменталните 22 бода предност на Ливерпул пред Манчестер Сити се најголема која лидерот на табелата ја имал некогаш пред второпласираниот во историјата на Премиер лигата.
Што повеќе сакате од ова? А во истата таа историја го имавме незапирливиот Манчестер Јунајтед под водство на Ферги, моќниот Челси со Мурињо и Сити со Гвардиола. Но никој како Клоп и неговите јунаци кои се немилосрдни против секого.
Од можни 75 бода, Ливерпул освои до сега 73, така што математички е јасно дека оваа екипа сезонава не знае што е тоа пораз. Им фалат само 2 бода за да се израмнат со бројот на бодови со кои Манчестер Јунајтед ја освои титулата во 1996-та.
И пазете ова. Во оваа фаза од првенството Ливерпул има дури 12 бода повеќе од непобедливиот Арсенал во сезоната 2003/2004 после 25 кола.
Убедливиот триумф против Саутемптон им беше 15-та победа во низа и рекордна 20-та на домашен терен, рекорд кој го држеа Граѓаните од сезоната 2011/2012.
Овој тим е до толку доминантен што во последните две години има скор од 54 победи, 1 реми и 8 порази, а во последниве 13 месеци во Премиер лига загуби само еднаш. Тоа е поразот од Сити на 3 јануари лани.
Сакате уште бројки? Пазете им ја одбранава. На последните 10 меча примиле знаете колку гола? Еден. Бетон ситуација кај Бекер и столбовите кои стојат пред него.
Е сега да видиме кога Ливерпул ќе ја освои титулата.
Првата и наједноставна математика која е многу логична со оглед на тоа како се однесуваат на терен е да победат во следните 6 кола и веќе да ја слават. Норич, Вест Хем, Ватфорд, Бурнмут, Евертон и Кристал Палас. Тие им се следни противници.
Ако освојат 18 бода по ред, толку од сезоната без разлика дали Манчестер Сити ќе победува или не. Со тоа што во оваа комбинација седми противник по ред им е токму Сити, така што може да им дојдат на гости како шампиони. Со ова сценарио на 21 март е готово.
Ако се разбира Сити или па Лестер кој е два бода под нив киксираат, тогаш може да слават уште порано.
Како и да е, јасно е како ден дека никој нема шанси да ги стигне, а во тоа се сложија и Мурињо и Гвардиола кои се сретнаа вчера.
„Уште во ноември имав чувство дека Ливерпул ќе бидат први оваа сезона“, изјави Мурињо
„Далеку се пред сите, мислам дека се незапирливи. Имаат многу бодови, а ние на сличен начин како и денес изгубивме многу“, рече Гвардиола.
Ниту еден друг лидер на табела во топ првенствата не држи форма како нив и сите успеал некој да ги порази. Баерн му бега само бод на Лајпциг и има 4 порази. Јуве е 3 бода зад Интер со 2 порази. Реал е само еднаш совладан, а на Барса и бега 3 бода и ПСЖ има комотни +12 од Марсеј, но со 3 порази.
Сонот на навивачите на Ливерпул наскоро ќе стане реалност по долги и мачни 30 години затоа што имаат неверојатно јак и сплотен колектив и голем тренер.