Фелипе Мело казнет три кола

Интер е прв, а секој со секого се кара

Од проблемите со Тевез и Балотели во Манчестер Сити, до тензијата со Пабло Освалдо во јануари годинава, Роберто Манчини покажа дека е тренер кој нема многу трпение со играчите кои не го слушаат.

Поразот од Лацио (1-2) во неделата ги поремети добрите односи во миланскиот клуб кој е воедно и лидер во Серија А. Како што пренесоа Кориере дело Спорт и Газета, Црногорецот Јоветиќ имал жестока расправија со тренерот Манчини поради тоа што рано го извадил од игра против Римјаните. Поранешниот играч на Фиорентина и Сити го замени Адем Љајиќ во 59’ минута од мечот.
 
Манчини и Јоветиќ најпрвин се закачнале на клупата, а нервозата кулминирала во соблекувалната после мечот. Токму Љајиќ го смирувал Јоветиќ, иако Србинот минатата недела изјави дека е незадоволен од минутажата. Проблемите на Интер не завршиле тука, затоа што се скарале и Мауро Икарди и Фелипе Мело (казнет 3 кола) кој заработи црвен картон поради бруталниот старт врз Лукас Биља.
 
Интер е прв со 36 бодови, еден повеќе од Фиорентина и Наполи. Втората полусезона почнува на 6. јануари кога Нераѕурите гостуваат кај најпријатното изненадување сезонава, Емполи.
 
На Роберто Манчини не му е првпат околу него да има тензична атмосфера, особено зимно време. Расправијата со Јоветиќ доаѓа пред католичкиот Божиќ, а претходните со Балотели и Освалдо му беа во месец јануари.

Фотографиите на англиските весници од 3. јануари 2013. година го покажаа бесниот Манчини како го влече Балотели во Карингтон, спортскиот центар на Манчестер Сити. Причина за бесот на Манчо бил стартот на Балотели над соиграчот Скот Синклер. Тоа беше крај на другарскиот однос започнат во 2007. година во Интер. Манчини и Балотели имале многу јавни, но и скриени караници. Во 2011. година се скараа за време на пријателската против Галакси во САД кога Марио не сакаше да излезе од игра.

На 6. јануари 2015. година Интер ремизираше со лидерот Јуве, а за време на мечот Освалдо се скара жестоко со Икарди кој не му ја додаде топката иако беше сам. Во соблекувалната потоа имало и тепачка меѓу Манчини и Освалдо. Роберто тогаш изјави како „нечистиот веш останува во семејството", но додаде и дека неминовна е продажбата на фудбалерот кој замина во Бока Јуниорс.

Најпозната расправија, Манчини имаше со Карлос Тевез. Во Сити. „Малку фалеше да се затепаме", изјави Аргентинецот во една прилика. Епизодата беше во 2010. година, шест месеци после скандалот во Минхен кога Карлитос не сакаше да влезе во игра против Баерн. По казните, суспензиите и адвокатите, двајцата се смирија и ја освоија титулата во Премиер лигата.

Изгледа дека не сите расправии завршуваат со заминување. Некои завршуваат со освоен трофеј.