Во себе има вулкан од емоции, адреналин, трибините грмат, нервозата е голема и само што не експлодирал но почитта кон минатото и потеклото е поголема. Почесто сме гледале и фудбалери кои во емотивен налет забораваат на своите довчерашни другари па не можат да издржат и се радуваат на погодок против поранешниот тим.
Секој има свои причини. Сезонава на пример во Италија имаше неколку случаи кога играчи не славеа гол против својот некогашен клуб - Пандев не се радуваше против Интер (ама се радуваше против Лацио од познати причини), а голот против “нераѕурите“ не го прославија ниту Адем Љајиќ (Торино) и Паласио (Болоња).
КОИ СЕ НАЈПОЗНАТИ 10 ВАКВИ ГЕСТОВИ?
Мохамед Салах против Фиорентина, Челси и Рома
Египќанецот знае како се однесува кон „своите“. Против Рома во вторникот Момо беше директен автор на 4 од 5 гола на Ливерпул: два пати беше егзекутор и два пати со сериозен лик им се извини на Римјаните (занимливо е дека асистенциите ги испрати со прегратки и насмевка).
Исто беше и кога како играч на Рома и даде гол на Фиорентина од каде замина со полемики. Дека е голем како човек Салах покажа и против Челси, клубот кој го донесе во Англија од Базел но потоа не му даде шанса. Им ја затресе мрежата но не се израдува.
Франк Лампард против Челси
Еден од најголемите играчи во историјата на „Сините“ во еден момент пред крајот од кариерата дојде на 6-месечна позајмица во Манчестер Сити.
Лампард токму против својот Челси мораше да крене раце во знак на извинување - на 21 септември 2014 со својот гол на 5 минути пред крајот му донесе бод на Сити и им „ги скина“ срцето и бодовите на своите другари. Лампард за Челси играше цели 13 сезони и забележа дури 648 настапи. Ги освои сите можни трофеи. Реакцијата после голот му беше поддадена рака до гостинските навивачи на Челси.
Дани Алвеш против Севиља
Во 2010 Дани Алвеш веќе беше еден од најдобрите десни бекови на светот во една од најјаките екипи некогаш видени. Но минатото не се заборава, пред се ако си играл 6 сезони во клуб како Севиља, тим кој пред сите други веруваше во него и го донесе во Европа од Бразил.
Кога даде гол против Андалузијците Бразилецот го одби обидот на Педро да прослават и застана во место со поглед кон навивачите на Севиља во знак на почит.
Кристијано Роналдо против Манчестер Јунајтед
Погодокот кој Португалецот го даде против клубот кој го воздигна највисоко беше бурно прославен на трибините но не и на теренот. Роналдо во свој вообичаен потег Calma, calma ги смируваше соиграчите кои тргнаа да прослават.
Габриел Омар Батистута против Фиорентина
Сигурно еден од најголемите моменти на темава. Батистута како расен стрелец во летото 2000-та дојде во Рома за да го освои скудетото. За такво нешто му требаа победи против сите па и против своите од Фиренца.
На 26. ноември 2000-та во осмото коло од Серија А, Фиорентина гостуваше во новата куќа на Батигол. До 83’ минута резултатот беше 0-0 кога Батистута распали со десна надвор од шеснаесетникот и го совлада Толдо.
Веднаш се расплака од силни емоции додека Тоти го носеше кренат во раце. Му аплаудираше цел стадион па дури и гостите.
Диего Пабло Симеоне против Интер
Аргентинците и сите Јужноамериканци важат за мошне темпераменти па секој гол го прославуваат бурно. Но тоа не беше случај кога Симеоне во дресот на Лацио му даде гол на поранешниот свој клуб Интер на 5. мај 2002 година кога Јувентус стана шампион на чекор пред Интер.
Роналдо и останатите фудбалери на Интер плачеа а плачеше и Симеоне кој им се извини на своите Нераѕури.
Гонзало Игуаин против Наполи
На првиот меч против поранешниот клуб, на 29. октомври 2016, Пипита Игуаин постигна гол и ги крена рацете во знак на извинување.
Но односите не се сменија. Неапол не му прости па и Игуаин реши да го смени односот. После следниот гол против Наполи стави рака на уво и го бараше Де Лаурентис на трибините.
Фернандо Торес против Атлетико Мадрид
Ако некој играч од листава чуствувал најголема љубов против тимот против кој дал гол тоа сигурно е „Ел Нињо“ - детето на Атлетико кој на 30 април 2014 во дресот на Челси во полуфиналето на Лига на шампиони постигна гол кој не го прослави.
Две години подоцна не оддолеа на повикот од дома и се врати дома во Мадрид.
Фабио Кваљарела против Наполи
Тифозите на Наполи како на Игуаин така и на Кваљарела никогаш не му простија што замина од неговиот омилен клуб од родниот крај и премина во Јувентус.
Но неколку години подоцна се открија правите мотиви поради кои избегал од Неапол за да се спаси после што навивачите го пречекаа со парола Scusaci Fabio (Прости ни Фабио). После години и години свирежи и навреди, страстите се смирија а Кваљарела не го прослави голот кој го даде за Торино од пенал на „Сан Паоло“.
Тогаш му се свртеа навивачите на Торино кои се бунеа зошто не се радувал... Никогаш не можеш да им угодиш на сите.
Кваљарела е играч кој никогаш не можел да се израдува на раат. Така во историската сезона за него 2014/2015 со Торино даваше голови против Наполи, Јувентус, Фиорентина, Удинезе (два), Сампдорија (три). Сите негови поранешни клубови. 13 погодоци од кои 8 не ги прослави.
Андреа Пирло против Милан
Голот е должност, обврска за секој професионалец па така и за Андреа Пирло кој после славните години во Милан отиде кај вечниот ривал Јувентус. На 6. октомври 2013 Пирло од слободен удар ефектно го совлада Абијати и само полека истрча кон центарот без да се радува.
Горан Пандев против Интер
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација сезонава му даде два гола на Лацио и два пати прослави од познати причини. Лацио. Се спореше со претседателот Клаудио Лотито, завршија и на суд а навивачите неретко и го исвиркуваа Гоче на „Олимпико“.
Но љубовта кон поранешниот клуб Интер како да е неизмерна па така Пандев кога даде гол против Интер сезонава крена раце во знак на барање прошка од своите Интеристи. Тие не го забораваат затоа што одигра важна улога во историската „триплета“ кога Интер со Мурињо освои Скудето, Лига на шампиони и Куп на Италија.