Голот на Дел Пјеро со кој ги победи логиката и физиката полни 25 години

За оваа мајсторија се вели дека е единствена затоа што нема друг гол сличен на овој. Алекс го паметиме по кифлите од игра и слободните удари, ама ова е нешто сосема поинакво, а го изведе на 20 години кога колеги му беа повозрасните Баџо и Виали.

Ако една топка доаѓа од лево и напаѓачот ја прими од истата страна без да го гледа голот, речиси невозможно е да ја даде со десна. Или па можеби логиката е таа што го тврди ова.

Со ваква теза италијанските медиуми потсетуваат на 25 годишнината од ремек делото на Алесандро Дел Пјеро кое се случи на 4 декември 1994-та на мечот Јувентус – Фиорентина.

За среќа, младиот Алекс кој се најде во таква ситуација не ја послуша логиката, туку мозокот и инстинктот. Со тоа изведе нешто уникатно кое тешко може некој да го повтори, а колку е посебно доволни говори фактот што не се заборава ниту по четврт век.

Пасот му го даде Алесандро Орландо, а на голот беше Франческо Толдо. Се работи за еден од најславните голови, а веројатно најдобар од сите 359 кои ги даде во кариерата. Не само затоа што е преубав, туку и затоа со тој гол во 89-та минута Јуве од 0-2, стигна до конечни 3:2.



Тоа беше само втора сезона за големата ѕвезда во доаѓање која ја доби 10-ката и покрај тоа што во тим беше и еден Роберто Баџо, а во напад играа уште и Џанлука Виали и Фабрицио Раванели. Какви легендарни имиња.

Јуве таа сезона под водство на Марчело Липи беше доминантен со Скудето, Куп и Супер Куп на Италија, а веќе следната година ја надополни витрината со нови три трофеи, ама меѓународни: ЛШ, Супер Куп на Европа и Интерконтинентален Куп.

Ова е еден од најубавите голови во историјата, запечатен од еден од најдобрите напаѓачи во Италија и пошироко. Стварно ја сруши физиката со оваа антологиска веле мајсторија.

Јувентус 1994/1995

 

4 декември 2019 - 14:41