Приказна за фудбалскиот пат на Габор Кирали

Голманот со сивите тренерки кој не старее

На било кој навивач од Премиер лигата да му го спомнете Габор Кирали, веднаш ќе помисли на една работа. Не за импресивните одбрани за Кристал Палас и Барнли на времето и не поради 100-те настапи за Унгарија.

Габор Кирали стана најстариот играч кој играл на едно Европско првенство откако денес со 40 години го чуваше голот на Унгарија против Австрија. Кирали стана и рекордер по бројот на настапи за репрезентацијата на Унгарија и стана првиот голман на оваа земја кој не примил гол на едно големо натпреварување. Кога тој дебитираше пред 18 години на Светското првенство во Франција, на пример репрезентативецот на Англија, Деле Али имал само две години.
 
Габор беше и прв голман во квалификациите и во баражот каде Унгарците ја совладаа Норвешка во двомечот за пласман на ЕП. Претходниот рекорд го држеше Лотар Матеус кој играше на Европско со 39 години и 91 ден. И да, Кирали уште ги носи легендарните сиви тренерки.
Габор Кирали на 22 години дебитираше за Унгарија и верувале или не токму против Австрија кога фати пенал од првиот допир со топката во четвртата минута. Му одбранил пенал на Тони Полстер, најдобриот стрелец на Австрија на сите времиња.

„Ден денес се ежам кога ќе се сетам како ми го скандираа името. Се чувствував како да летам", вели Кирали за моментот пред 18 години.

Кариерата ја започнал во градот Шомбатели во западна Унгарија. Таму е роден на 1. април 1976-та година. Неговата одлука да стане фудбалер не била изненадување, особено затоа што татко му бил прв центарфор на локалниот тим Халадас. Габор ја започнал таму кариерата и играл преку викенд, додека преку неделата служел војска на една од граничните караули.

Иако неговите родители за него велеле дека не бил проблематичен како дете, Габор Кирали на 19 години добил суспензија од 10 меча затоа што ја рогнал топката накај судијата после еден пораз. Тоа го натерало да работи повеќе и благодарение на неговата посвета и талент, тој набрзо станал прв избор повторно.

Не бранел многу за Халадас, но затоа се препороди во 1997. година кога замина во Херта Берлин. Неколку години подоцна германскиот тим играше во втората фаза од Лигата на шампионите каде Габор бранеше лудо, особено против Милан на Сан Сиро. Наскоро го бараа многу големи клубови, но тој остана цели седум години во главниот град на Германија.

Во 2004. година Кристал Палас реши да го доведе во Англија, а Габор беше позајмуван и во Вест Хем и Астон Вила пред да се стабилизира на голот во Барнли. По враќањето во Германија во Баер Леверкузен и Минхен 1860, Габор се пресели во Лондон и бранеше за Фулам.

На крајот се врати во матичниот Халадас.

„Навивачи од Минхен доаѓаа на Кревин Котиџ и носеа сиви тренерки. Син ми беше голман во тимот на Фулам до 11 години а синот на Мурињо бранеше за тимот до 15 години. Неколку пати се видовме и зборувавме како родители. Тој е прекрасен човек", раскажува Кирали за првата средба со Мурињо.

Во повеќе од две децении кариера како професионален фудбалер, Кирали направи некои легендарни одбрани но и големи грешки кои се дел од голманската професија. Во Берлин има анегдота според која Кирали почнал на секој тренинг да тргнува во напад и да ги дрибла противничките напаѓачи. Тренерот му рекол ако се осуди да направи такво нешто на натпревар, ќе биде отстранет од тимот.

Наскоро дошол последниот меч од сезоната, против Хамбург. Херта имала обезбедено трето место на крајот и навивачите му викале: „Габор дриблај ги, Габор дриблај ги". Кога навивачите сфатиле дека толку му треба, Габор тргнал во напад, погледнал накај клупата и се насмеал, но брзо ја подал топката.

Најпознат е по тренерките кои ги носи буквално секогаш. Целата приказна датира уште од младоста кога во Халадас немале чисти шорцеви, па Кирали облекол сиви тренерки а екипата победила на следните осум натпревари. Оригиналните кои првпат ги облекол ги чува во салата со сите освоени трофеи и награди. Тие тренерки ги носел 100 пати.

„Во некои од моите клубови го прашуваа производителот на опрема дали може да прават специјални сиви тренерки за мене. Во Минхен 1860 имаше оригинални Кирали тренерки. Најважно за мене е да се широки, макар еден број поголеми".

Тренерките не се единствена среќна амајлија на Габор. Под дресот секогаш носи црна маичка со една трака или црн кошаркарски дрес со неговиот среќен број 13. Тоа не е крајот на неговите суеверија. Габор секогаш прв мора да излезе од клупскиот автобус и секогаш слегува со левата нога. Од 2000-та година пред секој меч ја слуша It's My Life од Бон Џови, а неговата кола Мини Купер е исцртана со името на бендот.

Раскажува и кога првпат го сретнал Бон Џови. „Денот пред последното коло од сезоната 2012/2013, Бон Џови имаше концерт во Минхен, но не можев да одам. По мечот нашиот портпарол ми кажа наместо да одам во прес-зоната, да се појавам на теренот за еден час, затоа што таму ќе биде Џон Бон Џови и да не кажувам на никој. Па тој момент го чекав 20 години. Мислам дека никогаш немав поголема трема од тогаш", вели јунакот на оваа приказна.

Во квалификациите за ЕП, Кирали играл на 10 од 12 меча, вклучувајќи го и баражот со Норвешка. Прими три гола на првите седум меча пред да прими четири од Грците во неважниот меч.

Реваншот со Норвешка беше негов 101-ви настап за репрезентацијата и така се израмни со легендарниот Унгарец Жозеф Бошик член на златната генерација од 1950-та година. Од тогаш Кирали го сруши рекордот.

14 јуни 2016 - 21:17