Газдата на Ливерпул им се извини на Клоп, на навивачите и на екипата

Сопственикот на Фенвеј спорт групата, милионерот од САД, Џон Хенри кој е газда и на Ливерпул, во видео порака им се извини на навивачите и на Клоп за глупоста која што ја направила управата.

По само 48 часа откако и Ливерпул беше на листата клубови-потписници на основачкиот акт на нова Суперлига, управата на „црвените“ се најде под огромен притисок на навивачите кои излегоа да протестираат пред „Енфилд Роуд“.

Без страв за своето работно место јавно и отворено се огласи и Јирген Клоп кој изјави дека ниту тој ниту играчите биле информирани и дека тој и фудбалерите се противат на таквата идеја.

Капитенот Џордан Хендерсон дури и ги повикал капитените на другите англиски клубови кои поддржаа Суперлига, да се состанат и да се побунат против овој концепт.

Локалниот децениски спонзор на Ливерпул реши да крене раце од соработка ако се испостави дека „црвените“ го напуштат досегашниот концепт на еврокупови.

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон како и министри од неговата влада даваа изјави дека мора нешто да се преземе да се заштити англискиот фудбал кој му припаѓа на народот. Можеби оваа „закана“ од британската влада некако изврши најголем притисок клубовите да се повлечат од лошото друштво.

„Сакам јавно да им се извинам на сите навивачи и љубители на Ливерпул за вознемирувањето кое го предизвикав во последните 48 часа. Тоа се подразбира, но важно е и да се каже дека овој проект никогаш не требаше да остане на сила без поддршка од навивачите. Никој во Англија не мислеше поинаку. Во текот на овие 48 часа јасно ни кажавте дека поддршка нема да има и проектот нема да опстане. Ве послушавме, јас ве послушав.

Сакам да им се извинам на Јирген, на Били, на играчите и на сите кои работат во клубот многу напорно за нашите навивачи да бидат горди на клубот. Никој од нив нема никаква одговорност за ова вознемирување. Ним им беше најтешко и тоа не е фер и тоа најмногу ме боли. Тие го сакаат клубов и работат на тоа вие да бидете горди секој ден. Знам дека целиот клуб Ливерпул има желба со својот труд да ја врати довербата на навивачите.

Ако нешто покажа оваа сурова пандемија тоа е колку се важни навивачите за нашиот спорт, за секој спорт. Ни покажа на секој празен стадион. Годинава беше исклучително тешка за сите нас, не постои некој кој не е погоден. Важно е да останеме посветени на она што го видовме од сите нас, глобално и локално, од вашите гестови на добрина.

Ви ветувам, ќе сторам се што можам да ја ојачаме нашата врска. Ви благодарам што ме сослушавте“, порача газдата на Ливерпул, Хенри.

СЕ ИЗВИНИ И УПРАВАТА НА АРСЕНАЛ 

Покрај Ливерпул, се извинија и американските газди на Арсенал.

„Во последните неколку дена се уверивме колку длабоки чувства имаат навивачите од целиот свет кон нашиот голем клуб и кон играта која што ја сакаме.

Како резултат на фактот дека ве слушавме вас и широката фудбалска заедница последните денови, се повлекуваме од лигата која ни е предложена. Погрешивме и се извинуваме“, пишува меѓу другото во соопштението на Арсенал.

21 април 2021 - 09:58