Со почетокот на новата година и отворањето на преодниот рок, Милан ќе го добие Алесио Черчи, фудбалерот кој беше најголема желба на тренерот Пипо Инзаги. Адријано Галијани се договорил со Атлетико Мадрид, да им ја отстапи позајмицата на Фернандо Торес, а за возврат на 18-месечна позајмица да го добие италијанскиот репрезентативец. Според Галијани, Черчи во моментов е идеално решение за Милан, кој во јануари ќе остане без Јапонецот Хонда кој ќе игра на Купот на Азиија.
Алесио Черчи е дете на Рома, играше уште и за Бреша, Пиза и Аталанта како позајмен фудбалер, а во 2010. година се скраси во Фиорентина каде за две години на 47 натпревари постигна 12 голови. Од Фиренца замина за Торино и на 71 средба даде 21 гол, по што стана репрезентативец на Италија.
Десното крило беше мета на Арсенал, Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид. Шпанците на 1. септември годинава дадоа 15 милиони евра за неговиот три-годишен договор. Сепак, Черчи не се снајде во Шпанија и одигра вкупно 120 минути на 6 натпревари во Ла Лига и 120 минути вкупно на 2 дуели во ЛШ и еден во Копа дел Реј.
Ништо подобар не беше ни Торес, кој на 10 средби даде само еден гол за Милан во Серија А, а последните четири натпревари ги гледаше од клупата за резерви. Тоа беше причина Адријано Галијани да им понуди на „јорганџиите“ трампа на позајмиците на фудбалерите. Шпанците ја прифатиле понудата Милан и понатаму да му ја плаќа годишната плата на Торес (4 милиони евра), а Атлетико да продолжи да си го плаќа Черчи (2,2 милиони евра годишно). Фернандо Торес после 7 години ќе се врати во клубот во кој израсна.
Шпанскиот ја прифатил и клаузулата од договорот, според која Милан ќе има предност ако реши да го откупи договорот на Алесио Черчи следното лето. Половина од договорот на Черчи е во сопственост на една фондација од Катар, а другата половина е на Атлетико Мадрид.
За потсетување, Черчи и изминатото лето и сега беше прва желба на Интер, а тренерот Манчини минатата недела изјави дека го сака левото крило што поскоро во екипата. Манчини така како да подзаборавил дека Адријано Галијани од ништо прави нешто, па фудбалер кој летово вредеше 15 милиони евра, го донесе на 18-месечна позајмица за 2,2 милиони евра годишно.
Извршниот директор на Милан во минатото имаше слични зделки, како на пример случајот кога на Интер им ги подвали Aндрес Џулјиелминпиетро, Паоло Џинестра и Хрватот Дражен Брнчиќ а во замена ги зема Андреа Пирло, Кристијано Броки и Матео Богани. Чичко Фестер (Uncle Fester), како го викаат навивачите на Милан, претходно успешно ги завршуваше зделките со Роналдињо, Кака, Ибрахимовиќ, а Балотели им го намести на Ливерпул за 20 милиони евра.