“Мравката“ го нарекол Хавиер Клементе. Баскискиот тренер имал мал чамец којшто го нарекол „Txingurri“ (превод од баскиски ’Мравката’) и кога 22-годишниот Ернесто Валверде дошол кај него во Еспањол од скромниот Сестао, Клементе така го нарекол и него. Што поради растот, што поради тоа што бил вреден.
„Беше така малечок, слаб и низок, 167 сантиметри, понизок од Меси - тоа беше неверојатно. Памтам дека не сакаше што го викаме така, се лутеше и должен сум да признаам дека му направив лоша услуга - прекарот му остана за цел живот“.
Габаритот на Валверде никогаш не му сметал на теренот, напротив. Кога во 1986-та тргнал од сегунда во примера, младиот напаѓач поминал две фантастични години во Еспањол - во првата сезона завршиле трети, што со Еспањол не се случило цели 10 години, а во втората сезона ја однел екипата до финалето на Купот на УЕФА - прво во историјата на клубот.
Тогаш Валверде ја доживеал и првата професионална трагедија. Прва и далеку не последна.
Во финалето на Купот на УЕФА тогаш се играа две средби, со реванш. На првиот дуел дома Еспањол го прегазил Баер Леверкузен со 3:0 а два гола дал Валверде. Реваншот бил за две недели и „сино-белите“ спиеле на тоа уво дека се е готово и дека првата европска титула ќе се слави на големо после 90 минути во Германија.
На неколку меча до реваншот во Леверкузен Валверде се повредил на тренинг, кривел на едната нога и лекарите му забраниле да игра. Но тој полетал со екипата во Германија каде Еспањол за 20 минути во вториот дел примил три гола, ја загубил предноста и мечот отишол на пенали каде Шпанците ги дале првите два гола, но потоа ги обземала трема, изгубиле и се вратиле како покиснати.
За тоа финале тренерот на Еспањол Хавиер Клементе се сеќава во книгата „Збор на тренерот“: ’Луѓето мислат дека единствената причина зошто загубивме е што јас не ги пуштив Лауридсен и Валверде. Глупост. Одлично го одигравме првиот дел, а во второто се распаднавме... не знам зошто. Пред мечот го прашав Ернесто дали може да игра, но тој одговори дека коленото не му дава мир. Тој едвај одеше, а луѓето се сеќаваат само што било на теренот“.
И покрај поразот, Валверде таа сезона привлекол внимание со одличните игри, а поради финансиските проблеми на Еспањол кој освен поразот од Баер Леверкузен едвај не испаднал од примера, Валверде и Микел Солер отишле кај Барселона на Кројф.
Валверде во Барселона се задржал две години, а потоа преминал во Атлетик Билбао каде станал главна ѕвезда во првата половина од ’90-те години.
Етапата во Барса на Валверде не била толку поврзана само со фудбалот - тој таму учел на Институтот за фотографија и планирал кога ќе ја заврши играчката кариера да стане професионален фотограф. Одвреме на време во разни весници се појавували негови дела: фотографии од стадиони, од соиграчи, од градови и сè било во црно-бело.
„Така се погоди двете страсти да ми одат рака под рака. На теренот - голови, а во рацете фотоапарат“, се сеќава Валверде.
Кога во 2012-та го прашале Гвардиола што мисли за заминувањето на Валверде од грчки Олимпијакос, тој рекол:
„Фудбалскиот свет можеби загуби голем тренер, но Шпанија си врати голем фотограф“.
Во истата 2012-та излегла и првата книга со фотографии «Medio tiempo» во која имало негови дела од Атина каде бил шампион на Грција. Во едно Пеп не бил во право - фудбалскиот свет не загуби одличен тренер. Напротив, Валверде се врати на голема врата.
Почнал да го тренира родниот Атлетик Билбао, продолжи во Еспањол кој во вториот негов престој овојпат како тренер стигна до второ финале во Куп на УЕФА каде Ернесто доживеал втора професионална трагедија. После нерешениот резултат во финалето против Севиља во Глазгов, Еспањол загуби на пенали.
По авантурата во Еспањол, работеше во Виљареал и Валенсија, каде пренесе искуство од двете крајно успешни искуства во Грција и на крајот се врати во својот Атлетик Билбао.
За сите овие години Валверде три пати можеше да биде тренер на Барселона, но: првпат во 2008-ма кога заврши ерата на Рајкард имале поширок список на кандидати кој на крајот бил скратен на две имиња - Гвардиола и Мурињо; вториот пат - по заминувањето на Пеп, но раководството на Барса тогаш реши да му даде шанса на Тито Виланова и на крајот трет пат во пролетта 2014-та кога Тата Мартино очајно ја водеше Барса а Валверде го врати Атлетик во Лига на шампионите после 16 години!
Но судбината повторно ги спои деновиве. Барселона синоќа на 29-ти мај го промовираше Валверде во нов тренер на екипата.
Во Атлетик Билбао Валверде се докажа како специјалист, кој во услови на ограничен буџет се сврте кон младинската школа и притоа наоѓал коректен начин да му пренесе на играчот кој не е во план. Токму она за што е критикуваа Барселона во последно време за негрижа со сопствените деца, па Валверде може да ја исправи ситуацијата.
Важи за добар психолог и миротворец кој знае да воспостави емотивна рамнотежа во екипата - нешто што и фали на Барса. Го нарекуваат наследник на Кројф на клубата, а освен тоа Јохан во свое време неколку пати го споменувал него како иден кандидат за клупата на Каталонците.
Во 1994-та, осум години пред Валверде да ја започне тренерската кариера во Атлетик Б тимот, Кројф напишал за него: „Многу е интелегентен и секогаш покажуваше интерес да учи. Како тренер ќе биде еден од најперспективните“.
Трансфер политиката на Атлетик го научила Валверде три пати да мери еднаш да сече, па во Барса се очекува да не троши многу пари. Се зборува за можно враќање на Андер Ерера кој кај Валверде го играше најдобриот фудбал во Шпанија.
Големо прашање е и каков однос ќе има со триото Суарез - Меси - Нејмар. Во Билбао Ернесто беше легенда па спокојно можеше да ги игнорира Ираола и Бенјат чија форма била далеку од добра. Тоа што сите негови екипи играат креативен напаѓачки фудбал значи дека Барса нема да отстапи од својата филозоија.
Судбината го задолжила “Мравката“ откако му избегаа два значајни трофеи во Европа. Тој има 53 години и сега со најдобрите играчи на светот ќе може да го добие загубеното.