Изминатиов викенд во Бугарија се играше последното коло од домашното првенство каде се решаваше шампионската титула. Минатогодишниот шампион Лудогорец мораше да слави на домашен терен против Ботев Пловдив и да се надева на кикс на Левски Софија кој со триумф над Славија Софија ќе го подигнеше пехарот.
Тимот на Левски кој е 26 пати освојувач на титулата во Бугарија се чинеше дека има лесен меч против осмопласираната Славија, но сам си ја уништи прославата. Откако поведе, не успеа да си го задржи водството и си постигна трагичен автогол за конечни 1:1.
Во истовреме Лудогорец ги освои планираните бодови и ја прослави втората шампионска титула. Додека 30.000 илјади жители од Разград ја славеа титулата, од целата ситуација најмногу бил погоден фудбалерот на Славија Софија, Димо Атанасов кој заплакал во соблекувалната.
Атанасов кој игра во средниот ред на Славија, самиот има изјавено дека е голем навивач на Левски Софија, а нерешениот резултат за кои се виновни самите фудбалери на Левски освен што им ја скратија радоста на навивачите, во срце го погодија и Димо.
Немаме информација дали неговите соиграчи го тешеле, но челниците на клубот очигледно негодувале поради неговиот емотивен момент и одлучија да го продаваат.
Инаку екипата на Лудогорец минатата година направи историски подвиг и откако се пласираше во првата лига ја освои шампионската титула, а дел од огромниот успех на клубот беше и нашиот кондиционен тренер Иван Јовановски, кој си замина на средина од оваа сезона.