Македонец дел од бугарскиот феномен

Шампионот на полусезоната во бугарското првенство, екипата на Лудогорец, минатата сезона стана само вториот тим во светот кој во првата година по влегувањето од втора лига ја освои тројната круна. Веќе 2 години дел од бугарскиот феномен е кондициониот тренер Иван Јовановски.

Фудбалскиот клуб Лудогорец од Разград е оформен во 1945-та година, но во својата историја настапувал во втората и третата бугарска лига, се до 2010-та година кога клубот добива силен спонзор.

Во 2010-та година од трета се искачува во втора лига, а следната година за прв пат во историјата изборува пласман во првата лига. Минатата сезона тимот кој само до пред 2 години беше 3-то лигаш, стана шампион на Бугарија.

И не само што ја освои титулата, Лудогорец го освои и Купот на Бугарија и Суперкупот. Со тоа бугарскиот феномен стана само вториот клуб на светот кој успеал во првата сезона откако се пласирал во првата лига да ја освои тројната круна. Претходно тоа му успеа само уште не естонскиот клуб Левадија од Талин во 1999-та година.

Веќе 2 години дел од оваа успешна приказна е и еден Македонец. Тоа е кондициониот тренер Иван Јовановски - Карас. Неговото искуство од Македонија ЃП, Цементарница, Работнички и Металург го носи во ЦСКА Софија и на крајот во Лудогорец, а бугарските клубови го праќаат на доусовршување во Валенсија, Виљареал и Удинезе.

Според него, успехот на Лудогорец не е случаен, туку плод на голем труд и професионално функционирање на клубот благодарение на стабилниот спонзор.

За разлика од македонската лига, во Бугарија фудбалските клубови имаат милионски буџети кои ги инвестираат во своите тимови, но и во инфраструктурата. Неколку клубови имаат нови и модерни тренинг бази, а останатите клубови работат на проекти за реновирање и изградба на стадиони и тренинг центри. Бугарите единствено ни завидуваат на нашата Национална арена Филип Втори.

Клубот е спонзориран од браќата Домусчиеви кои имаат неколку успешни бизниси меѓи кои се фармацевтските фабрики, морски транспорт и градежништво и заради своите бизниси решаваат да започнат да го финансираат малиот клуб од Разград.

Градот Разград има околу 30.000 жители, а нашите натпревари ги играме на реновираниот стадион со капацитет од 8.000 луѓе и во просек не бодрат по околу 5.000 навивачи.

Клубот располага со академија во која има 200 талентирани фудбалери, тренинг центарот има 3 терени од кои 2 се со вештачка трева, а во план е изградба на уште 3 тревнати терени. Модерниот тренинг центар има фитнес сала, центар за рехабилитација, тартан патека, па дури и кино сала, а ќе се гради и хотел.

Во составот имаме четворица репрезентативци на Бугарија и еден на Словачка. Работењето на таков професионален тим во такви услови дава резултати, па не е случајно што минатата сезона ја освоиме тројната титула.

На почетокот на оваа сезона Лудогорец немаше среќа кога во квалификациите за Лигата на шампиони беа елиминирани од Динамо Загреб, а хрватскиот тим на двата натпревари даде гол во судиските продолженија.

Оваа сезона актуелниот бугарски шампион на полусезоната повторно се наоѓа на првата позиција и е на добар пат да го повтори успехот.

Оваа сезона повторно атакуваме на шампионската титула. Се надеваме дека повторно ќе бидеме шампиони, но амбициите на клупското раководство овој пат се повисоки и ќе целиме на поголем успех и во европски рамки, ни изјави Јовановски.

12 декември 2012 - 15:29