„Во рацете имам бомба. Сериозно ти кажувам во мене имам бомба“, и шепнал фудбалерот Жак Гласман на жена му на телефон. Се јавил од рецепцијата во хотелот во Конд сур Л’Еско каде неговиот тим Валенсиен отседнал пред мечот со Марсеј.
Претходно, кога се качувале во клупскиот автобус, центарфорот на тимот Кристоф Робер го тргнал Гласман на страна: „Марсеј мора да победи утре. Не избраа тебе, мене и Хорхе Буручага да им осигураме победа. -Ти мора да се шегуваш? Што ќе им е такво нешто? Не е можно тоа. ’Ме контактираа во девет синоќа и ми кажаа подробности’“.
Гласман вечерал, отишол во својата соба која што ја делел со стоперот Тиери Ферние и пуштил телевизија: Во студиото се расправало за скорешното финале на Лигата на шампионите меѓу Марсеј и Милан. На врата чукнал Кристоф Робер и ги викнал кај него. Таму Гласман го видел Буручага како лежи на кревет во тренерка, а Робер го повторил предлогот на Марсеј.
„Не, тоа е нереално. Не може да го сторите тоа“, им рекол Гласман. -Јас нудам решение, а ти прави што сакаш. Ако не сакаш ти, ќе сака некој друг“, му одговрил дрско Робер.
„Дечки, слушајте, им рекол Буручага без да стане од креветот. Валенсиен не е клуб и тие срања. Управата ми должи пари. Клубот ќе испадне и што ќе правиме следната сезона? -Ама може да се спасиме ако победиме утре“, му одговрил Гласман a овој само ги превртел очите.
Тогаш му заѕвонил телефонот, Робер се јавил и му го дал телефонот на Гласман. Веднаш го препознал гласот на стариот пријател - Жан-Жак Ејдели, бекот на Марсеј со кого порано играл во Нант.
„Мора да победиме утре за да станеме шампиони за мирно да се спремаме за финалето на Лигата на шампионите. Марсеј ви нуди награда во случај да не запнувате многу. ’Сигурен ли си во тоа што го правиш? Ти што си, посредник? Не, јас не можам да го прифатам тоа Жак“, му рекол чесниот и внимателен играч на Валенсиен Гласман.
Ејдел во еден момент му го дал телефонот на Жан-Пјер Берне, директорот на Марсеј. Берне прозборел поагресивно: „Ќе ни помогнеш или не? Какви шанси имате вие да победите? Еден од десет. Подобро да изгубиш и да заработиш, отколку само да изгубиш, а ќе изгубиш. ’Но ние имаме шанси за опстанок’, промрорел Гласман.
„На тоа требаше да мислите порано сине, не сега. Вие испаѓањате, така што размисли добро. Имам добар однос со Мартиг, они влегуваат следната сезона во Лига 1 и можам да ти средам трансфер таму“, отворено му рекол спортскиот директор на Марсеј на фудбалерот на Валенсиен.
Потоа со Берне зборувал Буручага, кој барал гаранции. Пред неколку години Буручага го врзал Берне со Марадона, но не добил ниту благодарам за тоа а ни денар. Разговорот на крајот го завршил Робер, кој му рекол на директорот на Марадона: „Добро, ќе средиме што треба“.
Штом спуштил на телефон, Робер ги соопштил условите: 300.000 франци аванс однапред, и уште толку следната недела во Сент Етјен пред последното коло. „Само не зборувајте никому, особено не на жените!“
„Дечки, јас не сум со вас. Од старт ви кажувам. Ве предупредувам, нема да го држам ова во себе“, продолжил Гласман. Робер се јавил кај својата жена и ја замолил да оди да ги земе парите во Novotel Valenciennes каде престојувале Олимпик Марсеј.
Бекот Гласман се вратил во собата. Неговиот цимер Тиери Ферние задремал а телевизорот бил вклучен. Гласман не можел да заспие до сабајлето, го болела главата од толку многу цигари. Следниот ден после лесниот тренинг и ручекот, отишол кај тренерот на Валенсиен, легендарниот Боро Приморац.
„Дај Жак, тоа се глупости. Они само не нервираат и провоцираат“, му рекол Приморац кога слушнал за предлогот на Марсеј. “Сум се сретнал со тоа како играч. Оди во соба, опушти се, дремни, одмори нозе“.
На состанокот пред мечот Гласман дознал дека Приморац ги ставил Буручага и Робер во првиот состав за мечот. „Можеби и тој е вмешан, не знаеме“, му рекол цимерот Ферние на Гласман. ’Не, тоа не е можно. Ејдел и Берне од Марсеј не го спомнаа него воопшто’.
Стигнале на стадионот. „Жак, блед си како мртовец. Нервозен си?“, физиотерапевтот Паскал Гуери го прашал чесниот Гласман. ’Други луѓе треба да бидат нервозни, не јас’. -Кои други луѓе? Што е работата? ’Ќе дознаеш после мечот’, одговорил Гласман кој излегол на загревање, на трибините ја видел жена му Одри и се успокоил.
Во средината на првото полувреме од мечот Валенсиен - Марсеј кој за гостите значел титула а за домаќините опстанок, Кристоф Робер паднал на земја по еден дуел со Ерик ди Меко. Додека масажерите му пружале помош, Валенсиен играл со 10 играчи и напаѓачот на Марсеј Ален Бокшиќ го отворил резултатот.
На полувремето, претседателот и директорот на Валенсиен Мишел Коанка и Жан-Пјер Тампе барале во записникот да се запише обид за поткуп на нивните играчи. Голот на Бокшиќ бил победнички, а по мечот играчот Гласман бил викнат во судиската комисија. Таму го повторил тоа што го слушнал од Ејдели и Берне, играчот и спортскиот директор на Марсеј.
Следен на распит бил газдата на Марсеј, контроверзниот бизнисмен и политичар Бернар Тапи: „Сигурен си дека ти се јавил Берне? Се знаеш ли ти со него?“, го притискал Тапи играчот Гласман. “Си разговарал ли претходно со него? Го знаеш ли неговиот глас? Не? Епа тогаш се ова се глупости“.
Кога ја напуштал судницата, Гласман бил облеан со студена пот. По пат го сретнал стариот пријател од Нант и посредникот на местенката Жан-Жак Ејдели.
Се знаеле уште од времето во клубот Тур, каде Гласман дошол сосема случајно. Случајно и станал фудбалер. Барал од татко му да го запише на балет како постарата сестра, но добил одговор: ’Не се мајтапи со мене’.
Гласман како млад почнал да игра за тимот од родниот Милуз и така го привлекол вниманието на скаутите на Стразбур и ПСЖ. На крајот го одбрал Стразбур, затоа што му бил поблизу до дома, се преселил во една мала гарсоњера близу трибините на стадионот „Мејно“, дебитирал во Купот на УЕФА со 16 години на мечот против Дуизбург и во истата сезона првпат заиграл против Валенсиен.
Стразбур до таму патувал со воз на меч од второто коло од францускиот Куп. Врнел силен дожд и дувал олуен ветер а работниците на теренот штрајкувале поради што игралиштето било во катастрофална состојба. Стразбур како така победил 0-4, а Гласман на враќање земал чоколадно млеко од кафемат и по пат добил тровање и пролив. “Никогаш веќе нема да се вратам во Валенсиен, да им се не видам во чоколадното млеко“, им рекол на соиграчите.
Откако отслужил воен рок во воздухопловната база Анцхајм во Стразбур, Гласман од раководството на својот клуб побарал документација за да може да конкурира во Националниот инситут за фудбал, но паднал на испитот. Претседателот на Стразбур се заканил дека ќе го казни, тренерот го нарекол Гласман кукавица, а соиграчот Францис Пјасецки рекол: „Дојде овде да игра фудбал, не да бара непотребна диплома“. ж
Следната сезона почнала платата да доцни и играчите имале состанок со управата. Капитенот барал клубот да му ги врати парите, а напаѓачот Оливие Рује барал младите играчи први да добијат пари.
Во 1982. година Гласман тешко се повредил на тренинг, заработил парцијална парализа, но операцијата го спасила и пропуштил шест месеци. Раѓањето на ќерката Летиција го охрабрила, но не му помогнала да заигра побрзо. Тренерот на Стразбур, Јирген Зондерман немал трпение со него и го вратил Гласман во Милуз каде тренер му бил Рајмон Доменек, селекторот на Франција на Мундијалот 2010-та во Јужна Африка.
За три години тимот играл топло-студено, не обезбедиле пласман во прва лига и управата го скратила буџетот, а Гласман останал без работа.
Менаџерот Милан Радовановиќ не му нашол нов клуб и Гласман се обратил во социјалната служба да бара работа. Три недели подоцна му се јавил Ивон Жубло, тренерот на Тур: „Имам многу повредени играчи, ќе добиеш плата од 25.000 франци“. Тоа било двојно помалку од Милуз, но стравот го приморал Гласман да прифати 25.000.
Гласман потпишал 1-годишен договор во холот на аеродромот „Орли“ а следниот ден заиграл против Лион, во одбраната заедно со уште еден новајлија од втората лига, Жан-Жак Ејдели кој стигнал од Лавал. На крајот од сезоната, парискиот адвокат Жан-Луи Борло му понудил 50.000 франци и шанса со Валенсиен да игра во Лига 1. Таа пролет Жан-Луи Борло станал сопственик на Валенсиен, а Гласман бил прв од неговите седум аквизиции.
Со првата жена Гласман се развел, таа останала во Стразбур, а новата Одри ја сретнал во Валенсиен кога се враќал од еден пораз. Следната зима во Валенсиен дошол нов фудбалер, Даниел Дили од Орлеан а во првиот меч со него против Ред Стар, прекинала победничката серија на тимот. „Дили е добар играч, нема збор, ама не требаше да го менувате составот кој 24 меча беше без пораз. -Ова е бунт против мене?, го прашал тренерот Смерецки Гласман. Океј, ќе го тргнам Дили од составот, но да ми ветиш дека ќе се вратиме во Лига 1.“
Се договориле и во април месец празнеле враќање во Лига 1 на балконот пред Градското Собрание во Валенсиен, а клубот во летниот преоден рок добил нови играчи. Конкурент на Гласман во тимот му биле стоперот Арнолд Остервер, Буручага од Нант и напаѓачот Робер од Монако. Тимот се растурил и сезоната почнала со три порази. Смерецки заминал, дошол Боро Приморац чијашто последна шанса да го спаси клубот од испаѓање бил триумф против Марсеј, најсилниот клуб во Европа таа 1992/93. година.
„Се колнам во децата, Гласман сè измисли“ - рекол Буручага, стрелец на победничкиот гол во финалето на Светското 1986-та во интервју после поразот од Марсеј. “Сè што зборува е лага. Тој е лажго, никогаш не сум бил со него во соба“.
Неколку дена подоцна Марсеј го освои Купот на Европските шампиони, а Валенсиен стигна до бараж за опстанок со Кан. Загубиле и испаднале од лигата а навивачите цел меч скандирале: Glassmann, téléphone – Glassmann, téléphone!
На 24. јуни бил уапсен Кристоф Робер кај чија тетка во дворот нашле коверт со пари. Во меѓувреме продавач на луксузни брендови изјавил дека жена му на Буручага купила неколку луксузни парчиња за повеќе од 10.000 франци. Жан-Жак Ејделе се криел три дена, но потоа признал дека зборувал по телефон со Гласман.
Сопственикот на Марсеј, Бернар Тапи го викнал во ресторан на вечера главниот обвинител во Лил, но тој одбил и му се пожалил на претседателот на Франција, Франсоа Митеран. Тапи тогаш во својата канцеларија на Елисејските полиња го викнал Боро Приморац и му предложил пола милион франци да ја преземе одговорноста за местење и договарање на резултатот.
Од тој момент Тапи бил обвинет за притисок на сведоците, но тој не се давал и почнал да го напаѓа Гласман преку весникот „Гол“ кој бил под негова контрола. Тапи рекол дека Гласман секој месец на трки губел двојно повеќе одошто заработува. Вистина било дека на аукција во Венсен, Гласман купил коњ и на хиподром одел само да јава со него. Го дал весникот на суд поради клевета, но тој згаснал уште пред првото рочиште.
На Марсеј му ја одземаа шампионската титула, го исклучиле од Лигата на шампионите за сезоната 93/94 и го избркале во втора лига, а Гласман ги почнал подготовките за новата сезона со новиот тренер на Валенсиен, Бруно Метсу. Три пати во денот тренинг, во меѓувреме давал интервјуа. По испаѓањето од лига следната сезона, на Гласман му ја намалиле платата за десет посто, а неколку часа пред мечот во Ница од првото коло, Метсу му рекол: „Ти остануваш. Полоцијата на Приморските Алпи не може да ја гарантира нашата сигурност ако дојдеш - има закани за тебе“.
Првиот меч во сезоната, Гласман го одигра во Седан. Навивачите таму го навредувале и го плукале. Валенсиен губел, а Жак во последната минута израмнил. На средината од сезоната во Гењон, 17-годишен навивач му подарил постер со нацртан гроб на кој пишувало „Жак Гласман“. Во Алес, во финишот од сезоната, Гласман го гаѓале со железни пари додека одел кон соблекувалната на полувремето.
Каде и да играл, навивачите на Марсеј го следеле секаде, посебно на југот од Франција. „Бернард Тапи го направи Марсеј најдобар клуб на светот, а овој кодош го упропасти“, викале тие.
Сезоната завршила, Валенсиен испаднал во трета лига и Жак прочитал во La Voix du Nord (Гласот на Северот) дека веќе не му е потребен на тимот. Му нуделе договор во Легија Варшава, а го барале и клубови од Малезија, САД и Кипар, но тој имал високи побарувања а и судот го лишил од било каква активност додека не се заврши рочиштето со наместениот натпревар.
Во 1995. година Гласман добил понуда да биде тренер на младинците на островот Реунион, на само неколку километри од вулканот Питон де ла Фурнез.
Во април 1995. почнало судењето. Жан-Пјер Берне, спортскиот директор рекол дека само ги следел наредбите од газдата Бернар Тапи и дека толку многу го сакале Марсеј што не можеле да го замислат без титула. Се испоставило дека сите се виновни освен тој.
За време на паузата, Гласман отишол во тоалет. Кога излегол од кабината го здогледал Бернар Тапи. „Палиш цигари? -Кога како, зависи, му одговорил Гласман. ’Тоа е лошо, треба да ги оставиш’ му рекол Тапи додека ги миел рацете и додал за спортскиот директор: ’Нема да му дозволиме да го убеди судот во тие глупости што ги зобрува. Нема да му дозволиме“.
Кога рочиштето продолжиле, судијата почнал да му поставува прашања на Гласман кој рекол дека му се одвратни методите на Тапи: „Навивачите на Марсеј ме мразат затоа што сум им го растурил сонот. Но не им го срушив јас, туку Бернар Тапи. „Кој си па ти фудбалер да кажуваш? Да беше добар ќе играше за Марсеј“, свикал Тапи од клупата.
Судот утврдил дека додека работел во Марсеј, Тапи на подмитување на играчи потрошил 5,3 милиони франци. Го осудиле на две години затвор и парична казна од 15.000 франци. Сите други обвинети во случајот „Валенсиен-Марсеј“ добиле условни казни. Кристоф Робер го баталил фудбалот и почнал да се занимава со винарство. Хорхе Буручага по суспензијата од две години заиграл за Индепендиенте од Аргентина и стана тренер. Жан-Пјер Берне до крајот на ’90-те години се лекувал во психијатриска болнциа, а подоцна станал фудбалски агент.
Жан-Жак Ејдели пропуштил шест месеци поради суспензија а потоа заминал во Бенфика. Пред 10 години напишал книга „Јас не играм веќе“, во која раскажува дека раководството на Марсеј сакало да ги подмити и фудбалерите на ЦСКА Москва пред меч од Лигата на шампионите во тоа време и дека неколку играчи биле допингувани меѓу кои и Руди Фелер пред финалето со Милан.
Тапие лежел во затвор од февруари до јули 1997. година и пуштен е така рано поради амнестијата. Тој бил идол на навивачите на Марсеј и на целиот град. Кон крајот на ’80-те на многу невработени во градот единствен излез од проблемите им бил фудбалскиот клуб и стадионот „Велодром“.
Во 1996 година Марсеј се врати во Лига 1, но неколку години поради буџетскиот дефицит повторно ги снашла несреќа. За време на кризата генерален директор на клубот станал Бернар Тапи.
„Не сум горд што открив корупција во Марсеј. Во мојата постапка немаше ништо исклучително. Го направив тоа што би го направил секој нормален човек во моја ситуација. Имав договор со Валенсиен што значи обврска кон сопственикот, управата, соиграчите и навивачите. Не можев да ги предадам“, заклучува Гласман во својата книга.