Фото потсетување со Дарко Панчев од времето во Вардар

Нема навивач на ФК Вардар од 80-те па и од помладите, кој не се навраќа со носталгија во времето кога Кобра ги полнеше мрежите и стана мета на најголемите клубови од Европа. Во чест на денешниот кам бек во таборот на Црвено – црните се навраќаме на неговите блескави денови од младоста.

На влезот од куќата на Дарко Панчев на Водно велат дека има виснато три знамиња. Првото е на Вардар, второто на Црвена Звезда и третото на Интер. Ако Црвена Звезда ја памети по најголемиот успех во кариерата, а за Интер се кае, Вардар засекогаш ќе му остане во срцето како прва љубов и отскочна даска во кариерата.

Дресот им го облече уште како тинејџер во 1982-ра година и следната сезона 1983/1984 се виде каков голгетер доаѓа на сцена. Дарко Панчев со 19 гола стана најмладиот стрелец на едно првенство во Европа.

Во негово време не беше важно каква кариера ќе оствари играч во странство, бидејќи југословенската лига беше меѓу најсилните 5 во Европа, а тој со Вардар ја освои во сезоната 1986/1987.

Стручниот штаб беше составен од тројца легендарни имиња за клубот. Прв тренер беше Андон Дончевски (најдобар стрелец во историјата на Вардар), а негови помошници беа Кочо Димитровски (најмногу настапи во историјата на Вардар) и Методија Спасовски (втор најдобар стрелец).

Дарко имаше брзина, скок, дуел игра, едноставност и страшен осет за да се намести онаму каде што е топката и прашање е дали потоа Црвена Звезда без него ќе станеше Светски и Европски првак.

Тој е синоним за центарфор за кој се интересираа многу големи екипи меѓу кои Монако предводен од Арсен Венгер, но од Вардар го грабна Црвена Звезда во 1988-ма и го победи Партизан во таа битка за него.

По три децении Дарко Панчев денеска повторно го подигна дресот на Вардар со број 9 и во ова трето негово враќање му посакуваме многу среќа, но и некое откритие кое ќе биде барем блиску до ова момче од оваа ретро фотогалерија.

Интервју со него на 18 години

7 април 2017 - 13:23