„Другари сочувајте го момчево, тоа е право фудбалско злато. Вакви таленти ретко се раѓаат во нашиот фудбал“, изјавил претседателот на Челик Зеница од БиХ после мечот со Вардар, кој бил воодушевен од играта и потезите на младиот Панчев.
Во суперлативи за 18 годишниот талент на Вардар зборуваат и Вишњевац, Топлак, Веселиновиќ.... Стана страв и трепет за сите противнички голмани. Без него скоро и да не може да се замисли нападот на Вардар, како и младата олимписка репрезентација, а со своите игра се наметна и кај селекторот на Југославија, стои во воведниот дел од интервјуто со човекот кој подоцна стана стрелец број 1 во Европа.
Првите фудбалски чекори?
Почнав во пионерската школа на Вардар на неполн 13 години и после две години бев префрлен во прв тим со кој дебитирав на мечот против Партизан во Белград. Потоа следеше скопскиот турни, добрите игри, головите...
Како реагираат твоите родители на твојот фудбалски почеток?
Прво ми забрануваа за да не го запоставам школото, но брзо сфатија дека нема корист од тоа па ме пуштија да играм.
Школото не го запостави?
Нормално дека не. Свесен сум дека нема цел живот да играм фудбал. Не можам да речам дека бев супер ученик, но не бев ниту слаб, тука некаде во средина, а не е лошо ниту сега. Годинава се надевам дека ќе завршам средно трговско, а потоа ќе видиме. Можеби ќе одам на факултет.
Кога сме веќе кај школото, имаше некои написи дека неколку пати се повторувал година?
Не е точно тоа. Можам да ви покажам и свидетелство ако треба. Новинарите пишуваат се и сешто. Дури имаше и едно измислено интервју со мене.
Наскоро доаѓа Европското првенство во Франција, а ти си еден од кандидатите за во репрезентација. Какви ни се шансите?
Ако продолжам со ваквите добри игри во што не се сомневам, верувам дека ќе патувам во Франција. Неодамна селекторот Веселиновиќ отворено ми рече дека најсериозно смета на мене. Неговата доверба треба да ја оправдам. Што се однесува до пласманот, високо ќе котираме. Ние од секогаш важиме за една од најталентираните фудбалски нации во Европа, па и во светот, време е тоа да го докажеме. Имам некое претчувство дека ова првенство ќе помине во знакот на југословенската репрезентација. Ќе не запамети нас оваа година цела Европа.
Се зборуваше и се пишуваше на големо дека те сакаат клубови од таканаречената голема четворка?
Имаше понуди, нема што тука да се крие. Ме бараа Партизан, Хајдук, Звезда...меѓутоа треба да се знае и тоа дека јас сум дете на Вардар, дека тука почнав и на некој начин се афирмирав како играч и дека голема желба ми е да потпишам прв професионален договор со матичниот клуб. Разговарав со управата и сосема извесно дека во Вардар ќе останам следните четири години.
Во случај да не останеш во Вардар, во кој клуб би заминал?
Нема тука никакви дилеми. Само Звезда доаѓа во обзир.
Имаш ли слободно време?
Многу малку. Тренинзи, натпревари, патувања, спремање испити...Понекогаш излегувам со друштво и со девојки, најчесто одиме во некој кафиќ (Париз, Панорама, Турист), потоа во диско, кино. Сакам да излегувам, меѓутоа нема време за тоа. Сепак не се каам, избрав фудбалски живот, не е лошо ни вака.
Инаку Дарко Панчев потпиша 4 годишен договор со Вардар и во 1988-ма направи трансфер во Црвена Ѕвезда. Селекторот Тодор Веселиновиќ сепак не го повика на ЕП 1984, а на следното Европско Југославија не се пласираше. Од тоа што знаеме, Панчев нема завршено факултет.