Челси на Тотенхем му бега 9 бода, Баерн на Лајпциг 4, Јувентус на Рома исто така 4, но со натпревар помалку, Реал на Барса само бод со два меча помалку, а Монако на ПСЖ 3 бода. Тоа е моменталната слика на врвот на табелата во топ 5 лигите во Европа.
Додека таму постои неизвесност во трката за титулите, во Шкотска и Велс веќе сè е решено. Селтик има 70 бода, скор од 23 победи и едно реми и со 27 бодови повеќе од Абердин и Ренџерс ита кон 48-ма титула во својата историја.
Слична е ситуацијата и со Њу Сентс кој со скор од 22 победи и едно реми има 67 бодови и 24 повеќе од второпласираните две екипи кои имаат ист број на бодови. Екипата од Велс сезонава стигна до 27 победи во ред и го урнаа рекордот на Ајакс од сезоната 1971/1972.
Нивниот единствен предизвик во моментов е да се обидат да го стигнат или да го надминат рекордот на ПСЖ кој минатата сезона со 31 бод повеќе од Лион стигна до најубедливата разлика во историјата на европскиот фудбал.
Парижаните на чело со Ибра кој даде 38 голови, беа импресивни со 30 победи, 6 нерешени и 2 порази и гол разлика 102:19, но во два параметри се послаби од Вардарци кои имаат сезона влезена во аналите на македонскиот фудбал и тоа без пораз и со 119 постигнати голови во 34 кола.
Се работи за првата сезона по осамостојувањето на Македонија (1992/1993) во која Вардар предводен од Ѓоко Хаџиевски стигна до шампионската титула со предност од 21 бод пред Силекс и Балкан и со тој подвиг се наоѓа во ова елитно друштво.
Шампиони со најголема бодовна предност во историјата на Европскиот фудбал:
31 бод: ПСЖ (Франција, 2015/2016)
29: Селтик (Шкотска, 2013/2014)
28: Олимпијакос (Грција, 2015/2016)
28: Динамо Загреб (Хрватска, 2007/2008)
27: Сконто (Латвија, 1997)
26: Копенхаген (Данска, 2010/2011)
26: Бери Таун (Велс, 1997/1998)
25: Баерн Минхен (Германија, 2012/2013)
24: Хелсинки (Финска, 2011)
22: Интер (Италија, 2006/2007)
22: Карабах (Азербејџан, 2015/2016)
21: Вардар (Македонија, 1992/1993)
Оваа позиција Вардар ја дели со Левадија (Естонија 2009), Ференцварош (Унгарија 2015/2016), Каунас (Литванија 2006), Дуделанж (Луксембург 2007/2008), Шериф (Молдавија 2007/2008) и Порто (Португалија 2010/2011) кои исто така станаа шампиони со 21 бод разлика .
Но бројките на најтрофејниот македонски фудбалски клуб се импресивни: 27 победи, 7 нерешени, 0 порази и гол разлика 119:16. Статистички Вардар постигнувал по 3,5 голови по натпревар, а незадржлив во таа историска сезона беше легендарниот Саша Ќириќ со 36 гола на 33 настапи.