Проблеми во рајот: Валверде не сакал да влезе во игра, лут е на Чаби Алонсо

Најголема и најтешка задача на секој нов тренер е да воспостави авторитет над играчите. Особено ако е тренер на Реал Мадрид каде играат најголемите светски ѕвезди. Чаби Алонсо кој направи чудо со Баер Леверкузен сега е пред големи искушенија во Реал.

По две одиграни кола во Лига на шампиони Реал Мадрид има максимален учинок со две победи, шест бода и гол разлика 7:1. Во шпанска Ла Лига Реал е втор со 18 бода (6 победи и 1 пораз на 7 средби) и е еден бод зад Барселона која е прва.

Се чини дека се е идилично во Реал Мадрид но дали е така?

Синоќа „кралевите“ гостуваа кај Каират во Казахстан до каде летале 13 часа од Мадрид. Победија наизглед лесно со 0:5 и се изгледаше добро.

Но денес шпанските АС и Марка пренесуваат дека Федерико Валверде не сакал да влезе во игра и дека не се загревал кога Чаби Алонсо го пратил на загревање.

Причина за тоа е наводно ситуацијата во која се најде Реал Мадрид по повредите на капитенот Карвахал и на Трент Александер-Арнолд, а во меѓувреме и отсуството на младиот десен бек Хесус Фортеа од младинската екипа на Реал кој игра на Светско У-20 со Шпанија.

Од тројца десни бекови во екипата сега нема ниту еден на располагање, па Чаби Алонсо посегнал по една стара добра идеја, десно да брани Федерико Валверде. Тој веќе го играше тоа кај Карло Анчелоти и позицијата не му е непозната.

Напротив, тој на прес-конференција пред мечот со Каират Алмати избувнал и рекол:

„Не сум јас роден да играм бек, ниту сум пораснал и учел да играм како бек, и кога играв таму бев горд што добро одиграв. Секогаш имам недоумици дали сум изиграл добро. Додека играв таму се чувствував комфорно. Но требаше да играм крило и освоивме Лига на шампиони, требаше да играм пошироко во средина и освоивме Лига на шампиони. Не се чувствувам комотно како десен бек зошто не сум роден на таа позиција и мака мачам со некои работи како затворање зад одбраната. Играв во средина цел живот и имав многу соиграчи кои ми дадоа совети. Но вистина едека и како бек одиграв добро и секогаш сум спремен да направам се што ќе каже тренерот“, рекол Федерико Валверде.

Но дали е така?

Фудбалерот кого на времето во 2018-та како 20-годишник во Реал Мадрид го регрутираше Хулен Лопетеги, секогаш дали со капитенска лента или не, беше спремен да биде војник на клубот. Но сега тоа што се виде на „Цнетралниот стадион“ во Алмати предизвикало напнатост кај фудбалерот кој секогаш беше спремен да ги врши наредбите и да не отстапи ни промил од својата намера.

Новинарот Иван Мартин од порталот ОК Диарио на друштвените мрежи објавил видео на кое се гледа како бројот 8 Феде Валверде како резерва бил пратен на загревање, а тој само стоел со рацете зад грб и не се загревал.

И претходно кога екипата излегувала на терен, тој последен излегол и се одвоил од групата.

„Одлуката (Феде Валверде да биде на клупа) беше донесена претходно. Феде секогаш е спремен, но мора да ги управуваме добро минутите на секој играч“, рекол Чаби Алонсо после натпреварот.

Некогашниот фудбалер на Ливерпул, Баерн Минхен и Реал Мадрид а сега тренер на „кралевите“ бил запрашан и за лутиот Винисиус кој бил незадоволен кога го извадиле од гира. „Не беше неочекувана реакција. Се случувало и претходно, но не денес. Секогаш е одлука на тренерот. Винисиус не избувна, туку беше тоа коментар кој сите го разбравме“.

Уште поголема забуна направил младиот фудбалер Фран Гарсија кој во микс-зоната после мечот со Каират рекол: „Познавајќи го Феде, сигурно ќе му смета тоа (што не го ставиле во игра). Тој секогаш сака да биде тука за тимот. Секогаш можеме да сметаме на него. Ако можам да одам во војна, би одел со него зошто тој ќе даде се од себе за нас“, рекол Гарсија за ситуацијата која предизвикала повеќе галама отколку што се очекувало.

1 октомври 2025 - 11:02