ФИФА го награди па го казни Камерун

Светската фудбалска федерација (ФИФА) му подари на Камерун службени поени од натпреварот против Того, но може да им бидат за џабе затоа што неколку минути подоцна тие целосно ја суспендираа нивната фудбалска федерација.

Репрезентација на Того во квалификациите за Светското првенство во 2014-та година го совлада Камерун со 2:0, но во нивниот состав тие имале фудбалер кој немал право на настап заради жолти картони. Заради тоа, ФИФА реши натпреварот одигран на 9 јуни да го регистрира како победа на Камерун од 3:0.

Со овој резултат Камерун се искачи на врвот во групата со 10 поени, пред Либија со 9 и си ги зголеми шансите за пласман на Светското првенство.

Но се може да им биде за џабе. Само неколку минути по оваа одлука, ФИФА реши целосно да го суспендира Камерун. Како причина за суспензијата се наведува мешањето на владата во работата на фудбалската федерација.

Минатиот месец Ија Мохамед беше реизбран на претседателската функција во фудбалската федерација на Камерун, но веднаш потоа беше уапсен заради злоупотреба на службена должност во државна компанија каде што бил директор.

5 јули 2013 - 10:35