Етиопија и Либерија се пред Македонија на рангот на ФИФА

Да можеше некако добрата организација за Супер Купот да влијае и да ни помогне на ранг листата на ФИФА ќе беше фино, бидејќи вака секој месец истите маки. Одново еден куп фудбалски непознаници се пред нас.

Фудбалската репрезентација на Македонија падна едно место на најновата ранг листа на ФИФА и сега е на 135-та позиција. Етиопија на пример забележа скок од 16 позиции и е 120-та фудбалска земја во светот.
 
Либерија прескокна 17 места и е две места подобра од нас. Тоа е вака на прва што ни боде очи на најновото рангирање. Едно место над нас е Виетнам, а под нас е Луксембург, како и Намибија која напредуваше 20 позиции.
 
Јули беше фудбалски месец, ама клупски за квалификациите во Лига Европа и Лига на шампиони, а Македонија немаше никакви активности.
 
Од нашите противници во квалификациите за Мундијалот во Русија, освен Лихтенштајн кој скокна едно место и е 190-ти, позициите на останатите земји се исти од минатиот месец. Шпанија и Италија ги држат 11-та и 12-та позиција, Албанија е 63-та, а Израел 70-ти.
 
На врвот Бразил му го зема местото на Германија која сега е втора, Аргентина е трета, а во топ 10 влегуваат уште и Швајцарија, Полска, Португалија, Чиле, Колумбија, Белгија и Франција.
10 август 2017 - 10:37