Македонија беше поопасна од самиот старт, а таа почетна иницијатива ја крунисавме со гол уште во 9-та минута. Ибраими го пронајде Лазевски по левата страна од шеснаесетникот, а тој му асистираше на Пандев кој го совлада Шмајхел.
Во 16-та минута Македонија го зголеми водството. Ибраими истрча скоро пола терен и прекрасно биеше од 18 метри постигнувајќи го четвртиот погодок во исто толку натпревари во серија.
Пет минути подоцна Јаховиќ имаше 100% шанса за гол, откако беше проигран во шеснаесетникот од Тричковски, но тој се сплетка и резултатот остана непроменет.
Сепак во 24 минута веќе беше 3:0. Тричковски изведе слободен удар од левата страна и центрираше пред голот на Данска каде највисок беше Николче Новески кој со глава по трет пат го матираше Шмајхел.
На паузата гостинските фудбалери се соземаа од шокот и во второто полувреме ги консолидираа редовите. Данците го имаа поседот на топката, но нашите фудбалери умешно ја контролираа играта и не дозволија сериозни закани кон нашиот гол, а истовремено тие беа опасни од контра напади.
Единствената голема шанса Данска ја имаше во 80-та минута кога Фишер биеше од далечина, но Богатинов го одбрани неговиот удар.
На крајот Македонија славеше победа од 3:0 над 23-та репрезентација на ФИФА ранг листата.