Фабио Капело имал многу работа и на терен и во соблекувална, но уште на старт го покажал својот авторитет и на крајот дошол до успешни резултати.
„Шукер и Мијатовиќ никогаш не му подаваа на Раул. Ги повикав во соблекувална, им покажав видеа и им објаснив дека ни треба тимски дух на соработка. Ме уверуваа дека не го виделе и дека не било намерно.
На следните натпревари пак се повтори истиот проблем, но овој пат им реков дека ако се случи и пак, нема да има оправдување и на следниот меч ќе седат на клупа. Ме послушаа и почнаа да постигнуваат повеќе голови.
На почетокот на сезоната им реков дека ако тројцата заедно постигнат барем 56 гола, тогаш ќе завршиме први на табела. Постигнаа 59 и бевме шампиони“.
„На моите играчи секогаш им велев: `Господа за време на паузата во првите 4-5 минути не сакам никој да зборува. Тогаш се пресоблекувате, правите што сакате, но во тишина. На тој начин избегнувате да се расправате за грешка или нешто друго. Плус тоа е време кога јас треба да изберам како да интеревенирам.
Еднаш во Реал додека почнував да давам насови на тимот, стоев и зборував пред играчите кои седеа и слушаа и во еден момент еден од нив стана. Беше млад и почна да ми вели: `Не, јас мислам дека треба да го правиме тоа, тоа и тоа`.
Му пријдов на играчот, ја соблеков јакната, му ја дадов, му реков `Имате нов тренер` и излегов од соблекувалната. Капитенот тргна по мене и од тогаш разбраа дека јас сум тренер.
Тој играч го земав од Сампдорија. Имаше 20 години и се викаше Кларенс Сидорф“.