Достоен пораз од Австрија на дебито на Европско

Македонската фудбалска репрезентација доживеа пораз во првото коло од групната фаза. Австрија - Македонија 3:1 (1:1). Капитенот Пандев стана втор највозрасен стрелец во историјата на европски првенства. Следен ривал Украина во четврток.

Моментите кои го отворија историското деби на македонската фудбалска репрезентација со химната која грмеше и на „Националната Арена“ во Букурешт и од грлото на секој Македонец, ќе останат запаметени засекогаш.

Прекрасни слики со развиорени илјадници македонски шалови, дресови и маици го обиколи светот и тоа е наш голем триумф.

Стартот на дуелот донесе очекувано измерување на пулсот кај двете селекции. Избраниците на селекторот Ангеловски стоеа стандардно формациски како во претходниот период и дебитантскиот настап на едно Европско првенство го почнаа сталожено и искусно.

На безидејноста на Австрија која со долги топки од средниот ред се обиде да го пронаоѓа високиот центарфор Калајџиќ, одговоривме со игра на кратки пасови и постепено освојување на поседот на топка.

Наизглед конфузниот ривал беше упорен со обиди со долги топки да го пробие нашиот бедем и тоа им успеа кога Марсел Забицер го пронајде Штефан Лајнер кој успеа да му избега на Алиоски во 18' минута за водство на Австрија:

Голот не ги растревожи нашите фудбалери кои продолжија трпеливо да ги градат акциите и да го бараат патот до голот на Бахман.

Со прецизни додавања ја освојувавме средината и искористивме еден кикс на австрискиот голман кога по одбиена топка капитенот Горан Пандев во 28' минута израмни на 1-1 и стана втор највозрасен  стрелец на гол во историјата на европските првенства.

По израмнувањето успеавме да ја спуштиме топката и да ги задржиме обидите на Австрија. Со контрола на ситуацијата нашите репрезентативци отидоа на пауза.

Во вториот дел почнавме со пар добри акции, но како одминуваше времето Австрија како да почуствува дека физички е поспремна од нашата селекција па тргна да бара ново водство.

Солидно се браневме и дефанзивата беше на ниво во првите 20-ина минути од вториот дел, но за жал Австрија најде простор да поведе. Селекторот на Австрија Франко Фода ги внесе во игра вообичаено стандардните првотимци Грегорич и Марко Арнаутовиќ кои беа творци на триумфот на Австрија.

Најпрвин на асистенција на Давид Алаба (прогласен за играч на мечот), Грегорич го совлада Димитриевски во 78' минута:

Во финишот од средбата, кога нашите репрезентативци веќе беа видно изморени, Марко Арнаутовиќ искористи едно невнимание да ги постави конечните 3:1. Некогашниот фудбалер на Интер и Вест Хем бесно и луто го прослави својот погодок најверојатно што вечерва од клупата го почна мечот со Македонија. Во еден момент го провоцираше и нашиот Алиоски

 

По првото одиграно коло Австрија има 3 бода, вечерва следи дуел во Амстердам меѓу Холандија и Украина. Нашите фудбалери следниот предизвик ќе го имаат во четврток против Украина на Андреј Шевченко.