Најзадоволните навивачи за тренерската смена, треба да бидат оние на Кристал Палас, а тоа најдобро го докажува статистиката поврзана со двете имиња кои изминатава сезона го водеа клубот.
Под водство на Јан Холовеј, фудбалерите на Кристал Палас чекореа убедливо накај втората лига. Тој по првите девет кола имаше само една победа, а кусата авантура му заврши со бедни 0.33 поени по натпревар.
Неговиот наследник Тони Пулис направи вистински бум и успеа да го врати тимот од “мртвите“ со фантастичен учинок од 1,64 поени по натпревар и потоа заслужено доби признание за најдобар тренер во Премиер лигата.
Нешто слично се случи со екипата на Сандерленд кој ги шокираше гигантите во последните кола. На домашен терен му откина бод на шампионот, а на гости приреди две сензации со победите над Челси и Манчестер Јунајтед.
Заслугите за тоа одат кај Густаво Појет кој го извади од калта тимот и со просечен учинок од 1,22 подови по натпревар успеа да му обезбеди опстанок. Неговиот претходник Паоло Ди Канио “преживеа“ само пет кола и освои само еден бод.
Најголемото изненадување се случи во таборот на Тотенхем каде вчера беше отпуштен Тим Шервуд, најуспешниот тренер на овој клуб во Премиер лигата кој си замина со 59% на победи.
По срамните порази од 6:0 од Манчестер Сити и 5:0 од Ливерпул, тој го замени Вилаш Боаш во декември и успеа просечно на тимот да му носи по 1,9 бодови по натпревар, но целта наречена Лига на шампионите веројатно беше клучна за отпуштањето.
Од останатите смени, неизбежно е да не се спомне и името Дејвид Мојс кој ќе остане запаметен како еден од најлошите тренери во историјата на Манчестер Јунајтед.