Никаде на светот не постои такво ривалство како она помеѓу Ренџерс и Селтик. Конфликтот помеѓу овие два клуба е поврзан со религијата (протестанти и католици), политиката (лојалисти и сепаратисти), етничкото потекло (Шкотланѓани и Ирци) и класна припадност (средна класа и работничка класа).
Фудбалскиот клуб Ренџерс е основан во 1872-та година и тоа е прв и единствен клуб во светот кој има освоено повеќе од 50 титули во националната лига (поточно 54). Традиционално, клубот се идентификува со протестанти и унионисти (оние кои ја поддржуваат припадноста на Шкотска и Северна Ирска во Обединетото Кралство).
Клубот Селтик е формиран во 1887-та година и самото име на клубот е избрано за да се нагласат ирските и шкотските корени, а боите (зелена и бела), традиционално го поврзуваат клубот со Ирска.
На самиот почеток овие два клуба соработувале во обидот да се популаризира фудбалот во Шкотска, па се верува и дека од таму потекнува и поимот „Олд фирм" дерби (скратено од "old firm friends").
Според навивачите на Селтик, првите проблеми започнале по Првата светска војна кога во Глазгов пристигнале многу протестанти од Белфаст. Тие својата религиска припадност ја поврзале со фудбалот и го започнале непријателството.
Од друга страна пак, навивачите на Ренџерс сметаат дека проблемите започнале уште многу порано, односно со доаѓањето на сиромашни Ирци во Глазгов кои ја дестабилизирале Шкотска.
Од самиот почеток Селтик се поврзува со работничката класа, со Ирци католици и имигранти, а Ренџерс претставуваат сосем спротивното. Тие се симбол на шкотскиот идентитет кој бил конзервативен и се однесувал на припадниците на средната класа и протестантите.
Првиот конфликт е регистриран во 1909-та година кога била запалена и трибината, а ривалството се зголемило во 70-те години кога започнале и нередите во Северна Ирска.
Многу натпревари се одбележани со насилство, како на самиот натпревар, така и пред и по натпреварот. Во 1995-та година е избодено до смрт момче кое во дрес на Селтик поминал пред паб со навивачи на Ренџерс. Во 2008-та година навивачите на Ренџерс до смрт претепаа педесет-годишен Ирец, навивач на Селтик, а една година подоцна до смрт беше претепан уште еден навивач на Селтик од Северна Ирска.
Еден од најголемите инциденти се случи во 1980-та година кога фудбалерите на Селтик сакаа со своите навивачи да ја прослават победата во финалето од шкотскиот куп. По натпреварот на теренот се судрија навивачите на двата клуба, а во инцидентите беа повредени повеќе од 200 навивачи.
Во поновата историја поделбата на навивачите по верска основа полека се губи, па така се случува протестанти да навиваат за Селтик, а католици за Ренџерс.
Единствена изразена поделба која се уште постои е етничката. Навивачите на Ренџерс не навиваат за репрезентацијата на Шкотска, па тие дури и навиваат за Англија кога оваа репрезентација ќе се сретне со Шкотска. Тие ја искажуваат својата верност кон кралицата и Велика Британија и ја нагласуваат својата поврзаност со Англичаните.
Од друга страна пак, навивачите на Селтик ја поддржуваат Ирска. На дерби натпреварите, навивачите на Селтик носат знамиња на Ирска, а навивачите на Ренџерс носат знамиња на Велика Британија.
И политичките партии се вклучија во конфликтот. Лабуристите ги поддржаа Ирците, навивачите на Селтик, за да ги придобијат гласовите од припадниците на работничката класа. Ториевците пак се поврзаа со навивачите на Ренџерс за да ја покажат својата верност кон средната класа.
Така „Олд фирм" дербито стана место каде се спојуваат сите конфликти и канал низ кој секоја може да го изрази своето незадоволство кое нема никаква врска со фудбалот. Градското дерби стана симбол на сите конфликти во едно општество - политички, економски, етнички и религиски.