Депресијата сè пораспространета меѓу фудбалерите

Последното истражување на меѓународното здружение на професионални фудбалери ФИФпро покажало дека дури 38% од 607 анкетирани фудбалери патат од депресија и имаат проблеми со менталното здравје.

Иако во јавноста важат за луѓе кои неретко можат да си приуштат сè што ќе им се посака, животот на професионалните фудбалери и не е така лесен како што делува.
 
Редовните карантини, далечни патувања и чести гостувања не им овозможуваат на фудбалерите често да бидат во друштво на блиските. Поранешниот претседател на здружението на професионални фудбалери во Англија, Кларк Карлајл открил дека годинава имал суицидни мисли како резултат на депресијата.
 
ФИФпро од 2013-та година воведе пилот истражувања, а последните анкети покажале дека скалата на професионални фудбалери со ментални здравствени проблеми е на многу повисоко ниво од претходно. Резултатите на ФИФпро гласат: 38% од 607 активни фудбалери и 35% од 219 поранешни фудбалери признале дека патат од симптоми на депресија или анксиозност.
 
23% од активните фудбалери имале проблем со спиењето, 15% со редовниот стрес, а 9% пијат алкохол. Професионалните фудбалери кои доживеале три или повеќе сериозни повреди за време на кариерата, имале повеќе ментално здравствени проблеми од останатите, пишува Лондон24.
„Се надеваме дека со научните студии кои треба да ги направиме, ќе се зголеми поддршката за воведување на мерки кои би им помогнале на депресивните играчи. Тоа е прв чекор. Планираме посебен пристап кон фудбалерите кои се штотуку оперирани“, вели Винсент Гутбарг, шефот на медицинскиот тим на ФИФпро.
Последните истражувања биле направени врз активни и поранешни професионални фудбалери од 11 земји на три континенти.
8 октомври 2015 - 17:00