Дарко Соколов и се враќа на кошарката за голем јубилеј од 25 сезони

И покрај тешката повреда и долгата рехабилитација, поранешниот македонски репрезентативец, Дарко Соколов, со цело срце прави кам бек на паркетот. Потпишува за нов клуб, вкупни 14-ти во кариерата.

Соколов е нов член на Феникс 2010 во втората лига за кој потпиша едногодишен договор со можност за продолжување на уште една.

Се работи за тим со младински погон, каде тој треба да помогне со своето големо клупско и репрезентативно искуство.

40 годишниот кочанчанец ја пропушти изминатата сезона поради операција на коленото која ја заработи во сезоната 2024/2025 во дресот на прволигашот Гостивар.

Но, ова лето напорно тренираше за да се врати на паркетот.

„Мило ми е што постигнавме договор со Феникс 2010 и што ќе бидам дел од екипата во новата сезона. Во оваа фаза од кариерата најважно ми е да уживам во кошарката, да бидам здрав и да помогнам колку што можам.

Во Феникс има една добра енергија и млади играчи на кои со моето искуство ќе се обидам да им помогнам колку што можам“, вели Соколов во изјава за Офф.нет.

Каква ти е мотивацијата на 40 години?

„Сè уште имам голема желба за играње и затоа се спремав напорно цело лето. Поради високите температури, еден месец подготовките ги правев во Охрид. Ако ме служи здравјето би сакал да одиграм уште една до две сезони.

Заедно со искусниот Марјан Јанески сме тука да го дадеме нашиот максимум и да им бидеме поддршка на помладите. Им благодарам на луѓето во Феникс за довербата. Сега останува најважното, да работиме напорно на терен.“

Дарко Соколов е еден од нашите играчи со најдолга кошаркарска кариера и ова ќе му биде сезона број 25. Можеби е и на прво место по овој параметар.

Перо Блажевски на пример, кој играше до 42 години, има 23. Во НБА оваа сезона Леброн Џејмс ја брои рекордната 24-та.

Феникс ќе му биде 14-ти клуб во кариерата, која ја почна во скопскиот клуб Балкан Стил и тоа на само 15 годишна возраст во сезоната 2001/2002.

Најголемите успеси ги постигна со Еуроникел со кој стана два пати шампион на Македонија, како и во Купот, а славеше трофеј и во Балканската БИБЛ лига, која ја круниса со МВП признание во сезоната 2010/2011.

Двојна круна има и со МЗТ, а останатите трофеи му се Куп на Македонија со Работнички и Карпош Соколи и Супер Куп со Струмица. Има две меѓународни искуства во Босна и Кимик, Украина.

Соколов е само еден од четворицата активни кошаркари од златната генерација на Македонија, која на ЕП 2011 го освои историското четврто место.

Браќата Дамјан и Војдан Стојановски ги продолжија договорија со МЗТ Скопје, а Ивица Димчевски потпиша за Штип.

11 септември 2026 - 16:17