Барселона минатата година објави дека ќе отвори фудбалска академија во Балеруп, местото близу Копенхаген, а школата ќе биде слична на оние во другите земји.
Следуваше реакција од данската фудбалска јавност која се побуни што младите талентирани деца би можеле да бидат носени во друга земја и друг клуб. Брзо се огласи и Данската фудбалска федерација која се спротивстави на идејата за отворање на фудбалска школа на Барса.
Според правилата на УЕФА, за отворање на фудбалски камп во друга земја, исклучиво матичната федерација од таа земја има право да решава дали ќе дозволи или не да се отвори таква школа.
„Одржавме добра и конструктивна дебата со Барселона и дојдовме до заклучок дека FCBЕscola нема да ја отвори планирата академија во Данска. И покрај тоа, данскиот фудбалски сојуз и Барселона ќе гледаат да организираат заеднички фудбалски активности во блиска иднина“, изјави Штен Јоргенсен, портпаролот на данската фудбалска федерација.
На нивниот сајт, Каталонците напишаа:
„Барселона Есколас работи врз основа на чист, единствен модел кој што создава напаѓачка филозофија за сите категории во клубот. Тренинзите во нашата школа на децата им ги пренесуваат правите вредности како што се скромноста, амбицијата и тимската работа. Целта е да им се помогне на децата да ги подобрат фудбалските вештини и да промоција на заедничкиот живот на деца од различни култури и националности кои ги обединува страста за Барселона“.
Инаку Барса има 14 фудбалски академии во различни земји ширум светот.