Новиот претседател на ФИФА започна борба за расчистување на корупцијата која е направена во ФИФА под водство на неговиот претходник Сеп Блатер. Тој обвинува за кражба на десетици милиони долари и испрати соопштение до Јавниот обвинител на САД од 22 страници.
Според Џани Инфантино во валканите игри се вклучени 41 членови на ФИФА, како и други фудбалски лица од кои бара сите украдени пари да бидат вратени назад.
„Осудените обвинети луѓе од ФИФА направиле сериозни и трајни оштетувања во ФИФА, како и во нивните членки и во други фудбалски организации. Тие присвоиле пари кои припаѓаат за развој и промоција на фудбалот. ФИФА како светска организација на фудбалот ги сака тие пари назад и е решена да ги добие, без разлика колку тоа ќе трае. Во текот на многу години обвинетите грубо ги злоупотребиле своите позиции за да се збогатат и направиле огромни финансиски штети“, вели Инфантино.
Тој бара и враќање на хонорарите, трошоците и бонусите од корумпираните членови на ФИФА за време на нивното владеење, како и големите судски трошоци кои се направени во расчистувањето на криминалот на оваа организација.
Во соопштението на Инфантино поткрепено со документи именувани се заменик претседателот на ФИФА Џек Ворнер, Џак Блајзер и Џефри Веб, како и синовите на Ворнер кој е доживотно суспендиран во фудбалот.
Во него за прв пат пишува дека ФИФА признала за митото од 10 милиони долари кое го добиле Ворнер и Блазер за да гласаат Јужна Африка да биде домаќин на Мундијалот во 2010-та. Ворнер за кого сè уште се води битка за екстрадиција од Тринидад и Тобаго во САД, примил мито од Мароко во нивната кандидатура за домаќини на Светското првенство во 1998 година.
„Обвинетите ги пренасочиле парите не само од ФИФА, туку од играчи, тренери и навивачи. Овие долари се наменети за изградба на фудбалски игралишта, а не за куќи и базени, за фудбалска опрема, не за накит и коли, за финансирање на млади играчи и нивен развој, а не за раскошен живот. Кога ФИФА ќе ги врати овие пари назад, тие ќе бидат насочени назад на нивната оригинална намена: за доброто и развојот на меѓународниот фудбал“, вели првиот човек на ФИФА.
Бројката на украдени пари од ФИФА во чија истрага се вклучени САД и Швајцарија може да достигне до 100 милиони долари, стои во соопштението на ФИФА која бара прекршоци во работењето на нивните претходници.