Бункерот на Челси ја симна Барса од тронот

По загубеното Ел Класико, Барселона во рок од три дена се збогуваше со своите трофеи во шпанската Примера и во Лигата на Шампиони. Каталонците имаа фудбалер повеќе и доминираа во текот на целиот натпревар, но Челси успеа да извади 2:2 на Камп Ноу и избори пласман во големото финале.

Барселона тргна на се или ништо уште од самиот старт. Гвардиола се одлучи за напаѓачка формација со четири напаѓача, а на спротивната страна Ди Матео се одлучи за истата дефанзивна тактика со истиот состав од првиот натпревар.

Каталонците ја имаа првата шанса уште во третата минута кога Меси се проби од десната страна, но биеше покрај голот.

Налетите продолжи со заканите кон голот на Челси, а во 19-та минута повторно имаше голема шанса кога по двојното додавање со Фабрегас, Петр Чех успеа да го одбрани ударот на Меси.

Сепак бункерот на Челси издржа само 35 минути под налетите на Барса. По еден корнер, Дани Алвеш го проигра Куенка кој ја искористи лошата поставеност на дефанзивците на Челси и имаше многу отворен простор пред себе, но наместо да шутне тој несебично го проигра Бускетс на кого не му беше тешко да ја затресе мрежата.

Само две минути подоцна, Барселона освен резултатска, доби предност и во бројот на фудбалери на теренот откако Џон Тери направи глупост и го остави својот тим на цедило. Капитенот на Челси од зад грб со колено го удри Алексис Санчез и заслужено заработи исклучување.

Предноста од играч повеќе, фудбалерите на Барселона ја искористија на две минута до крајот на полувремето. Андрес Иниеста го искористи додавањето од Меси и рутински го совлада Чех од десетина метри.

Но Челси не се предаде и го шокираше Камп Ноу во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме. Рамиреш изби сам пред Валдес по асистенцијата на Лампард и одлично го лобуваше голманот на Барселона.

Барселона имаше огромна шанса за нов гол уште во 49-та минута, но голот на Челси повторно остана маѓепсан за Лионел Меси. Аргентинецот на седумте претходни меѓусебни дуели не успеа да даде гол, а овој пат промаши и пенал. Судијата покажа на белата точка откако Дрогба го фаулираше Фабрегас во шестнаесетникот, но Меси ја погоди пречката.

Фудбалерите на Барселона продолжија со нападите, имаа 73% од поседот на топката и упатија 22 удари кон голот на Челси, а на спротивната страна гостите се закануваа со контра напади.

При една таква контра во последната минута од натпреварот, Торес искочи сам пред Валдес, го помина и голманот на Барселона и стрелаше во празната мрежа за конечни 2:2 и пласман на Челси во финалето од Лигата на шампиони.

24 април 2012 - 22:46