Бод за Ибраими, три за Георгиевски

Од седум македонски претставници во Лига Европа, само Агим Ибраими со Марибор ремизираше со Тотенхем, а Даниел Георгиевски со Стеауа триумфираа над Молде. Сите останати наши фудбалери беа поразени во третото коло.

Даниел Георгиевски и Стеауа продолжуваат со добри игри. По три одиграни кола романскиот тим и натаму е на првата позиција во групата Е. Денес тие го победија норвешки Молде со 2:0, а македонскиот репрезентативец го одигра целиот натпревар.

Агим Ибраими со Марибор освои гол бод против фаворизираниот Тотенхем. Словенечкиот тим имаше водство по првиот дел, но Тотенхем израмни преку Сигурдсон во второто полувреме. Ибраими ги одигра сите 90 минути и беше еден од позабележителните фудбалери на теренот.

Сите останати македонски претставници беа поразени. Горан Пандев не беше во стартниот состав за Наполи на гостувањето кај Днипро и во игра влезе во 52-та минута кога неговиот тим веќе губеше со 2:0. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 3:1, а стрелец на единствениот погодок за Наполи беше Кавани од пенал во 75-та минута.

Од клупа во 55-та минута во игра влезе и Иван Тричковски за Клуб Бриж на гостувањето кај Њукасл. Домаќините славеа минимална победа со голот на Обертан.

Игор Митрески со азербејџански Нефчи не успеа да го сопре рускиот Рубин кој триумфираше со 1:0, а поранешниот македонски репрезентативец го одигра целиот натпревар и заработи жолт картон во 72-та минута.

Пораз претрпе и Дарко Тасевски со израелски Ирони Шмона против Спарта во Прага. Домаќините победија со 3:1, а Тасевски во игра влезе во 79-та минута.

Александар Лазевски не влезе во игра за Партизан кој загуби во Милано против Интер со гол во 88-та минута.

 

25 октомври 2012 - 23:47