Роден во Амстердам во 1973. година, фудбалската кариера на Езајас почнала на рана возраст кога го поканиле да тренира во престижната младинска академија на Ајакс која што важи за најдобра на светот.
Во академијата, ветувачкиот бек играл рамо до рамо со најголемите таленти во историјата на младинскиот тим на „Копјаниците“. Секој ден влегувал во дуели со играчи како Кану, Кларенс Сидорф, Патрик Клајверт, Винстон Богард...
Езајас делел соблекувална со многу фудбалери кои ќе му помогнат на Ајакс да ја освои Лигата на шампионите во 1995. година. Надежите дека Езајас ќе ја помине академијата и ќе стигне до првиот тим биле големи, но тренерите на младинците наскоро почнале да се прашуваат дали Харви е доволно добар за стандардот на Ајакс? Следувала тешка одлука тој да го напушти клубот.
Пред почетокот на сезоната 1993/94 во холандската Ередивизие, Езајас се преселил во Феенорд и на почеток делувало дека загубата на Ајакс била добивка за Феенорд. Во дебитантската сезона, Езајас буквално како на филм постигнал ефектен гол на дербито De Klassieker против неговиот некогашен клуб.
За жал, среќата почнала да исчезнува за младиот бек. Прво го седнале на клупата за резерви, а потоа го оддалечиле и од поширокиот состав. Конечно на крајот му рекле дека е вишок во клубот. Тој ги спакувал куферите и го напуштил Ротердам во 1998 година. Престојот во Феенорд го паметел само по петте настапи за екипата. Следна дестинација му бил Гронинген но работите ни таму не се смениле којзнае колку. По девет меча за „зелено-белите“ му рекле дека веќе не сметаат на него.
Се обидувал да ја спаси кариерата во холандската Втора лига, во дресот на СЦ Камбур но таму не заиграл ни еден меч и решил да ја напушти Холандија каде важел за пропаднат талент и да почне „пастирски живот“ по Европа. Стигнал во Италија каде го примиле на проба во Фиорентина и Торино но и таму не задоволил, па се ракувале со него и го поздравиле. Следна порта му била Шпанија каде „на лажиче“ добил шанса да за проба во Реал Мадрид Кастиља, Замора ЦФ и ЦД Мостолес.
Сите овие тимови го сметале за веќе „испеана песна“, за извикан играч кој на себе ставил десетина килограми повеќе и не му понудиле договор. Не бил ни прв ни последен ваков, и во 2001. година решил да ја заврши кариерата.
Според легендата, едно време во Шпанија работел како циркуски благајник со цел да ги плати сметките и долговите од патувањата и сместувањата. Во следните три години по циркуските марифетлуци Харви Езајас пробал да живее нормален живот. Работел, патувал и се дружел, но не можел да се помири со фактот дека не го кажал последниот збор во фудбалот.
Во 2004-та година се сретнал на една прослава со Кларенс Сидорф, неговиот другар од детството во Ајакс. Цела вечер се сеќавале на дружбите во Ajax Jeugdopleiding (младинската академија) а Езајас во еден момент му кажал дека има голема желба да се врати во фудбалот. Сидорф за разлика од него имаше далеку поинаков фудбалски пат и во тоа време беше член на славниот Милан кој доминираше во Европа и во Серија А.
Секој на место на Сидорф би ги игнорирал барањата на Езајас кој тежел повеќе од 110 килограми и не шутнал топка повеќе од три години. Но како услуга на својот драг пријател, Сидорф ветил дека ќе види што може да направи. Стоел на зборот и на една вечера со Галијани и Карло Анчелоти помалку во шега кажал дека може да најде добар бек за бесплатно. Анчелоти се смеел и бил скептичен, но на крајот дозволил Харви Езајас да тренира во Миланело (тренинг-камп на Милан) колку да се одржи во форма.
Харви кога дознал заплакал од среќа затоа што не секој може да помисли, а камоли да тренира со величини како Пирло, Сидорф, Шевченко, Кака, Малдини, Неста, Абиати, Костакурта, Кафу, Дида, Инзаги, Креспо, Руи Коста, Јап Стам, Амброзини, Гатузо...
Езајас бил решен да не ја пропушти шансата и за три месеци пеколна работа плус индивидуални тренинзи ослабнал импресивни 15 кила и во јуни 2004-та повторно бил активен и спремен фудбалер.
Импресиониран од неговата посветеност, работна етика и добар хумор, Анчелоти му понудил договор да остане. Замислете, пет години претходно со него се потсмевале во шпанската втора Сегунда лига, а сега тренирал со најголемите фудбалери на светот во тој момент. На крајот Господ го погледнал холандскиот бек.
Кога почнала сезоната 2004/2005, Езајас се нашол на клупата на Милан, место каде што поминал најголем дел од сезоната. Неговите најголеми моменти со „Росонерите“ таа сезона дошле во јануари 2005-та кога Харви Езајас во 87’ минута од мечот во Купот на Италија против Палермо влегол во игра наместо Масимо Амброзини.
Тоа било слатка награда за сето тешко време и напорните тренинзи на Харви. После неколку секунди на теренот дури упатил и еден остар и добар центаршут, но Јон-Дал Томасон промашил со глава.
Харви го досонувал сонот во 2005-та година, во месец мај, кога бил на поширокиот список на патници кои патуваат на финалето од Лигата на шампионите против Ливерпул во Истанбул. Соиграчите ги бодрел од трибините, но ќе остане запишано дека бил дел од тој легендарен меч. Неговата кариера во Милан била кратка, но Холанѓанецот одиграл неколку минути во црвено-црниот дрес што е страшна сатисфакција за еден поранешен 100-килаш.
После Милан, Езајас заиграл и за третолигашот Лењано од Серија Ц како и за Калчо Лечо 1912 пред да ја заврши кариерата во 2005-2006. Овој пат и конечно ја завршил кариерата и се вратил на она што го работел додека паузирал, помошник готвач во ресторан во чија што сала стои рамка од неговиот дрес со број 33 во Милан.