Ако може да му се верува на татко му, за кого италијанската јавност неретко пишува дека има скриени намери, Мојзе Кен како мал можел да заврши во Интер а не во Јувентус.
Во март годинава, Биру Жан Кен гостувал во една радио емисија на италијанско радио и таму раскажал дека син му од детство навивал за „нераѕурите“: гледал нивни натпревари, купувал дресови и се споредувал себе со црномурните напаѓачи на Интер.
Тој мечтаел да заигра за Интер, а татко му бил и уште е голем навивач на Јувентус па затоа форсирал малиот да се запише во академијата на „зебрите“.
Но оваа „исповед“ во многу нешта може да не е вистинита. Татко му на Кен во Италија е познат како човек кој јавно барал италијанско државјанство и пасош, а истовремено се залагал за намалување на бројот на имигранти кои се слеваат од Африка во Италија.
Биру Кен во еден момент го оставил семејството без пари, не плаќал алиментација и се појавил дури во последните години кога младиот центарфор почнал да ги врти камерите и апаратите кон себе со талентот.
Таткото пред неколку дена зборувал и како за син му од Јувентус барал два трактори и пченкарни ниви, а се жалел и што син му не го видел седум години. А Моизе Кен многу се лутел на јавните настапи на татко му и често зборува дека е приврзан само со мајка му која работела без одмор, го носела на тренинг а понекогаш и играла фудбал со него кога немал со кого.
****
Така и почнала приказната: од беспарица и фудбал. Неговите родители во Италија дошле како имигранти, во 1990 година во градот Верчели. После 10 години се родил Мојзе Кен.
Растел во културна средина и амбиент кој топло го прифатил. Меѓу првите играчки му била топката од која не се двоел.
По извесно време, петгодишниот Мојзе растел со постариот брат, Џовани кој тогаш имал 12-13 години и кој тренирал фудбал во школата на малку познатото клупче Асти. Кен понекогаш влегувал да пополни место и се буткал со поголемите деца.
„Дај му топка и само така ќе биде среќен. По цели денови играше фудбал. После тренинзите доаѓаше дома и вежбаше да дрибла. Проблемот беше што ме дриблаше мене, бараше да жонглираме со глава и не престануваше додека не го замолев“.
Подоцна го префрлиле во тимот на детскиот интернат Дон Боско, во предградието. Брат му уште бил во Асти, а мајка му работела по цели денови и не секогаш го носела на тренинг.
На почеток идол му бил Обафеми Мартинс кој после Интер замина во Њукасл и се изгуби од фудбалската мапа, па Кен нашол нов миленик: Марио Балотели.
Во време кога Балотели имаше 18 години, тој пленеше со експлозивност, брзина и неверојатни физички предиспозиции. Малиот Мојзе во Марио гледал совршена слика за црномурен Италијанец кој како него ужива во фудбалот.
Така во кариерата на Мојзе Кен се појавиле два модели: благодарение на непропорционално долгите нозе тој има голем и широк чекор и одлична дистанциона брзина. Како Мартинс, знае да се враќа во одбраната и да почне од таму, а како Марио знае да ја разбива противничката одбрана со снажни дуели. Притоа не заостанува зад двајцата во реализација.
„Кен секогаш напаѓа во пространство и тоа е мошне необичено октритие“, рекол еднаш Кјелини. А против Емполи еднаш даде гол во стилот на Трезеге.
На возраст на Кен, Балотели имаше 11 гола во Серија А (гол на секој 185 минути), а Мартинс 4. Од времето кога му биле идоли, Марио смени три првенства и шест клуба, играше финале на Европско 2012 и горе-долу стабилно се снаоѓа каде и да игра.
Обафеми Мартинс играше фудбал во дури седум различни земји, а денес е без клуб. Тој не стигна ниту до пола од она што му го предвидуваа како неверојатен талент.
Што е најглавно за Кен велат дека тој ментално е многу посилен и од Мартинс и од Балотели. Карактерот исто го формирал во тимот Дон Боско. За време на школувањето како мал, престојувал кај едно семејство и секоја вечер ја читал Библијата и житието на светите. За алкохол и цигари дознавал од вестите за Балотели.
Мојзе Кен редовно се моли, му благодари на Бога за головите, а на десното раме го истетовирал патот кон рајот - симбол на трудот без кој ништо немал да постигне.
Секоја недела играл на турнирите во тимот Дон Боско, а на 7 години го вратиле во Асти на проба и тогаш дал 4 гола против 11-годишни деца кои не можеле да го совладаат.
После две недели, Ренато Бјази, тренерот н а Мојзе и поранешен голман, искористил некои познанства и му договорил проба на малиот Мојзе Кен во Торино. Пробата траела буквално неколку минути, затоа што бисерот со потекло од Брегот на Слонова коска брзо ја освоил струката на „биковите“.
Во Торино патувал на тренинзи со двајца другари од Асти и не сакал ништо да менува. Во меѓувреме Јувентус ја искористил можноста да му пристапи и да му направи една екскурзија по клупската база каде „случајно“ се запознал и со Недвед и Дел Пјеро. Од тој момент кога видел колку е чудесна базата, посакувал само да остане тука.
„Јувентус го зема како дете и го направи маж, го воспита на теренот и во животот. Клубот за него стана како татко“, рекла мајка му Изабел во една репортажа за Кен.
Тој тренирал кај тренерот на пионерите Корадо Граби, поранешен капитен на младинците на Јуве и некогашна ѕвезда на првиот тим. Интересно Граби постигнал гол на дебитантскиот меч за Јувентус и го освоил скудетото во 1994/1995, но поради бесконечни повреди решил да го остави фудбалот.
„Младите на 18-20 години треба да учат за животот. Ако тебе никој не те учи, нема да напредуваш. Затоа тренерите се потребни“, вели Корадо Граби.
За две сезони во младинците на Јувентус Мојзе Кен постигнал 59 гола на 50 меча и веќе на 14 години заиграл за U-16 тимот. На 15 години дебитирал во младинската Лига на шампиони, а на 16 стигна до првиот тим на гигантот.
Буфон го завикал „младунчето“, а Мојзе во последните три години од тој момент до денес сруши неколку рекорди.
Мојзе стана првиот фудбалер роден по 2000. година кој: 1) дебитирал во една од Топ5 лигите, 2) заиграл во Лига на шампиони, 3) дал гол во една од Топ5 лигите, 4) дал гол за репрезентацијата на Италија.
Тренерот Алегри сакал да го заштити од јавноста, за да не се роди „нов Балотели“, му забранувал интервјуа и постојано работел со него. Макс му го дозира и играчкото време, па во последно Кен често ја користи шансата кога на теренот не се Манџукиќ, Роналдо и Дибала.
Останува да се види дали ќе ги надмине достигнувањата на Балотели и Мартинс. На добар пат е.