47-годишниот Бебето сега е политичар во собранието на Рио де Женеиро, но во 90-те години беше еден од главните фудбалери во репрезентацијата на Бразил.
Тој беше дел од шампионскиот тим на Бразил на Светското првенство во САД во 1994-та година каде постигна три гола. Последниот негов гол беше во четвртфиналната победа од 3:2 над Холандија.
Бебето го постигна вториот гол за Бразил и голот го прослави заедно со Мазињо (таткото на Тиаго Алкантара од Барселона) и Ромарио.
Само два дена претходно Бебето стана татко и овој гол и прославата беа посветени на неговото бебе. 18 години подоцна, тоа бебе е блиску до повторување на успехот на неговиот татко.
Матеус Оливеира на почетокот на оваа година со само 17 години дебитираше за Фламенго, поранешната екипа на неговиот татко, а веќе е член и на репрезентацијата на Бразил за фудбалери до 20 години.
