Референдум кој може да измени сè

Барселона и Реал скоро ќе играат во различни лиги?

За 1. октомври во Каталонија е планиран референдум за отцепување од Шпанија. Што ќе се случува тие денови и како после него ќе живеат Барселона, Еспањол, Жирона и 20 други каталонски клубови - не знае никој.

Референдумот сега е главна тема во европската политика и што е неопходно да се знае за него во прв час:

- Референдумот 2017 не е признаен од централните власти во Шпанија, премиерот на земјата Мариано Рахој (познат навивачи на Реал) го нарече референдумот незаконски. Притоа Мадрид исклучи било каква закана од воена сила и се спрема да ја одбие независноста само јурисдикциски.

- Уставниот суд на Шпанија го суспендирал законот за спроведување референдум и свикување на изборен орган во Каталонија.

- Градоначалниците на повеќе од 700 градчиња во Каталонија излегле на митниг во Барселона со барање да се распише референдум. Јавниот обвинител на Шпанија Жозе Мануел Маса веднаш наредил да отпочне истрага против нив.

- Претходниот референдум се одржа во Каталонија на 9. ноември 2014 година. Уставниот суд на Шпанија го прогласи за нелегитимен и тогаш референдум прејде на политичката маса на идниот регион. Против тогаш биле околу 17,1% а за независноста гласале 80,76%.

- Никој не веруваше ниту во победа на Трамп и на Брегзит.

Каталонската власт од почетокот на септември почна засилена реторика дека Каталонците имаат право на самоопределба согласно нормите на меѓународното право. Судството на Шпанија го нарекува референдумот незаконски (тој и во реалност и противречи на конституцијата на Шпанија а измена е можно само ако за неа се залага поголем дел од населението на целата држава).

Интересно, на страна на оние кои не се сепаратистички расположени има околу 35-40% од населението кои се „молчеливо малцинство“ и би сакале да живеат како досега.

Според сите анкети, евентуален референдум загарантирано ќе ја однесе победата на „Да“. Првичниот план на властите е после победата во парламентот да ја изгласаат временската конститутивност на Каталонската република и да прогласат независност. Како на тоа ќе реагира централната власт - е непознато.

КАКО НА РЕФЕРЕНДУМОТ ГЛЕДА СПОРТСКИОТ СВЕТ?

Хосеп Гвардиола

Тренерот на најдобрата Барселона на ХХI век пристигнал од Манчестер дома за да го прочита манифестот во поддршка на референдумот: „Бараме помош од меѓународната заедница, апелираме до сиот демократски свет и Европа, да ни помогнат во борбата за нашите права кои не следуваат. Сега во Шпанија е прекината политичката дебата и е загрозена демократијата. На 1. октомври ние ќе гласаме за својата иднина. Ние ќе гласаме па дури и Шпанија ако не сака“.

Во своето време Гвардиола раскажувал зошто никогаш не би го тренирал Реал: „Како прво, мојата душа и припаѓа на Барселона каде што играв и тренирав. Второ, силно се залагам за независноста на Каталонија така што би ми било доволно тешко да живеам и работам во монархистичкиот Мадрид“.

Во 2012 година Пеп бил во САД и за време на еден митинг преку видео се јавил на голем бим во центарот на Барселона: „Здраво на сите од Њујорк, сега не има еден повеќе“. Тој тогаш кажа дека гласал за независност во 2014-та.

За неговиот однос стигнаа критики од Мадрид, па така на пример скорешниот министер за внатрешни работи Хорхе Фернандес Диаз (2011-2016) рекол дека “на Олимписките Игри 1992 година Гвардиола играл за Шпанија за пари и дека играл за репрезентацијата од политичко-економски интереси“.

ИГРАЧИТЕ И РАКОВОДСТВОТО НА БАРСЕЛОНА

Во ноември 2014 година на референдумот за политичко уредување на Каталонија дошле и претседателите на Барса Жоан Лапорта (2003-2010) и Сандро Росел (2010-2014), екс-капитенот Чави и играчите Мартин Монтоја и Сержи Роберто. И двајцата се сликале на бирачките места.

На 11 септември 2017 година на денот на Каталонија, претседателот на клубот Хосеп Марија Бартомеу и играчот од средниот ред Сержи Роберто заедно со голема клупска делегација приложиле цвеќе на споменикот на Рафаел Казанова - национален херој на Каталонија кој во 1714 година бил убиен во одбрана на градот.

На положувањето цвеќе биле претставници на женските и машките фудбалски, кошаркарски, футсал и хокеарски екипи на Барса.

Жерар Пике: „Демократски е и треба да се случи затоа што луѓето имаат право на глас“.

Во 2014 година Пике заедно со синот бил на митинг за поддршка на референдумот.

Чави: „Каталонскиот народ има полно право да гласа. Секако јас сум за“.

Висенте Дел Боске: (во 2012 година кога ја тренираше Шпанија): „Каталонците ја бранат својата независност како и фактот дека секој регион има право да ја бира својата иднина која ја нарекуваат слобода“

Зинедин Зидан: „Јас не можам да ја замислам Ла Лига без Барселона и не ја поддржувам независноста како навивач, се надевам дека до тоа нема да дојде“.

Кошаркарот Пау Гасол кој вели дека се чуствува и како Каталонец и како Шпанец и кој повеќе од 14 години игра за репрезентацијата на Шпанија за независноста на Каталонија вели: „Јас имам шпански пасош, тоа е моја земја, но целиот свет има право да решава и да се самоопределува“.

Неговиот брат Марк Гасол вели: „Се согласувам со гласањето“.

Минатото лето легендата и најголемиот капитен во историјата на Барселона Карлос Пујол ги налутил навивачите кога во една реклама на кинеска телевизија ркол: „Јас сум Карлос Пујол, јас сум Шпанец“.

Рафаел Надал (најпознатиот навивач на Реал Мадрид):

„Јас, балеарски Шпанец не ја претставувам Шпанија без Каталонија и не сакам да размислувам на тоа затоа што заедно сме посилни. Мислам дека на 1. октомври ништо нема да се случи затоа што сите сме должни да ги уважуваме законите и никој не смее да ги толкува законите како што сака. Не можам да возам на црвено па дури и да ми кажат дека тоа е во ред. Длабоко ги уважувам чувствата на сите но се надевам дека ќе бидеме во состојба да се разбереме едни со други и уште долго време да живееме заедно.

ФК БАРСЕЛОНА И НЕЗАВИСНОСТА НА КАТАЛОНИЈА

Најгласни меѓу каталонските клубови за поддршка на независноста се навивачите на Барселона.

Барселона за нив е повеќе од клуб и тие го идентификуваат каталонскиот идентитет преку клубот. „Камп Ноу“ е повеќе од стадион и таму на сите трибини има политички пароли и се вее каталонско националистичко знаме Естелада.

Во време на диктаторот Франко, фудбалската арена било единствено место во Барселона каде си можел да зборуваш на родниот јазик и да не се плашиш за својата слобода.

Притоа неопходно е да се направи разлика меѓу двете знамиња на каталонските сепаратисти кои се многу различни. Секој од вас видел додека гледал меч на Барса како ги веат овие знамиња кои се сметаат за неофицијални.

Знамето со син триаголник и бела ѕвезда Estelada (ѕвезда) важи за отцепување на Каталонија од Шпанија преку немарксистички ориентација. Знамето со црвена ѕвезда и жолт триаголник Estelada vermella (црвена ѕвезда) притоа значи силна социјалистичка ориентација.

Секој меч на Барселона во Лигата на шампионите, дали против тимови од Мадрид, Валенсија или Андалузија се памтат не само по фудбалот туку и по политички пораки: знамиња естелада, апсолутна нетрпеливост кон шпанското знаме и песни за слободна Каталонија во 17 минута и 14 секунда од секој меч затоа што во 1714 година била задушена каталонската независност.

Кога Барселона игра на гости, многу шпански навивачи носат знамиња со бик и пеат навредливи песни за Каталонците. 

Последниот меч на Барселона во Лигата на шампионите (ден после Денот на Каталонија) имаше и политичка конотација која што одекна повеќе од двата гола на Меси и победата од 3:0 над минатосезонскиот финалист. Се појави банер со натпис:

„Добродојдовте во каталонската република“ и „SOS ДЕМОКРАТИЈА“

Минатата година на дуелите против Селтик и Борусија Менхегладбах се појавија банери со иста содржина - таму каталонските, ирските и шкотските сепаратисти заедно вееја знамиња.

Барселона од УЕФА добива парични казни за ваквите испади на навивачите а во знак на револт химната на турнирот се исвиркува на секој меч.

Притоа на минатогодишниот финале на Кралскиот Куп против Севља на мадридскиот стадион „Висенте Калдерон“ развеале естелади како реакција на изјавата на претседателот на Ла Лига Хавиер Тебас (запомнете го тоа име) кој рече дека тоа знаме е симбол на распадот на земјата.

Во 2015-та на пример Барса играше во финалето на Купот против клуб од уште еден сепаратистички регион, Атлетик Билбао и тогаш шпанската химна ја исвирка буквално цел стадион. Барса славеше со 3:1.

ШТО ВЕЛАТ КАТАЛОНСКИТЕ КЛУБОВИ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ?

Генералниот директор на Еспањол, Рамон Роберт вели дека не може да ја замисли Ла Лига без тие клубови кои „се стремат да бидат подобри во спорт а не во политика“.

Ветеранот и вработен во клубот Раул Тамудо кој долги години беше капитен на Еспањол како и играчите Серхио Гарсија, Давид Лопез и Херардо Морено исто така учествувале во приложување свежо цвеќе на споменикот на Рафаел Казанова но за разлика од Барселона, клубот Еспањол никогаш официјално не го поддржал референдумот.

Главниот тренер на тимот Кике Санчез Флорез бил воздржан: „Не сум спремен да одговорам на политички прашања затоа што ги уважувам сите наши навивачи“.

Интересно, тренерот на Барса, Ернесто Валверде изјавил: „Не сум овде да давам свое мислење особено не кога претставувам клуб кој обединува навивачи со различни точки на гледиште“.

ШТО ЌЕ БИДЕ СО КАТАЛОНСКИТЕ КЛУБОВИ ПО ЕВЕНТУАЛНО ОТЦЕПУВАЊЕ ОД ШПАНИЈА?

Најцитиран одговор на ова прашање дал потпретседателот на Барслеона за меѓународни односи, Карлос Виларуи: „Не мислам дека би не прашувале само нас колку и другите каталонски клубови. Апсолутно сум уверен дека Барселона ќе игра таму каде што ќе играат Еспањол и Жирона“.

Во таков случај се разгледуваат две основни варианти - многу каталонски клубови по изменувањето на законите би останале во системот на шпанскиот фудбал, а некои би преминале во каталонска лига (Liga Catalana).

Хавиер Тебас, прв човек на шпанската лига вели:

„Јас сум Каталонец, мајка ми исто и многу каталонски Шпанци ќе продолжат да бидат Шпанија. Тоа мора да го почитуваме сите а не само тие кои таму живеат. Ако Каталонија се оддели, Ла Лига без Барселона, Еспањол и Жирона нема да биде подобра ниту од холандското првенство. Барса нема да остане европски топ-клуб. Мене ме чудат тие што велат дека Барселона во таква ситуација комотно би имала избор во која лига да игра“.

Жерар Естева, претседател на спортската федерација на Каталонија и на Каталонскиот олимписки комитет:

„Во слободна Каталонија, Барса сама ќе бира во која лига ќе игра: дали во шпанска или во каталонска. Каталонските клубови ако не ги примат во ла лига ќе играат во своја лига. Ако во Лига1 може да игра клуб кој не е од Франција тогаш и Барса може да бира“.

ЌЕ ОСТАНАТ ЛИ ВО ПРИМЕРА?

Во законот за спорт (Ley del Deporte) стои дека спортските клубови кои учествуваат на професионално ниво на територија на Шпанија се должни да бидат регистрирани во спортските асоцијации или соодветни федерација на Шпанија. Во фудбалот тоа значи да бидете член на RFEF, фудбалската федерација на Шпанија. Ако Каталонија се оддели тоа автоматски значи дека не може да игра во првенства организирани од Шпанија.

Дополнително во законот пишува и дека клубовите од Андора можат да учествуваат на официјални натпревари и лиги во Шпанија ако се регистрирани во соодветната федерација.

„ФИФА и УЕФА ги поддржуваат само националните лиги и не се согласни ако Барселона игра во лига Каталонија, вели Хозе дел Олмо, претседател на комитетот за историја при шпанскиот фудбалски сојуз.

Каталонија е регион поголем на пример од Белгија, Албанија, Македонија, Словенија и Црна Гора. Во случај Барса да игра во оваа лига таа би била апсолутно доминантен клуб како што се одвиваат првенствата во Унгарија, Бугарија или Норвешка.

Ако Барса заигра во такво првенство, тогаш Реал или би направил хегемонија во шпанскиот фудбал или со време Валенсија, Атлетико, Севиља и Селта би станале алтернативи на Барса.

„После тоа што Монако игра во Лига 1, можно е сè. Јас лично ги сакам фудбалот и Барселона. Тие се поврзани со моето семејство. Франзуците знаат за тоа и зборуваат со мене на таа тема на улица. Историјата на Барселона не е врзана само со фудбалот: во август 1975 година јас одлично ја запамтив атмосферата на „Камп Ноу“. Тоа беше неколку недели до смртта на Франко“, вели Мануел Валс поранешен премиер на Франција и голем навивач на Барселона кој ја вика Барса во француската Лига 1.

Но Монако нема своја репрезентација, не е член на УЕФА, а меѓу кнежевството и Франција има тесна политичка и економска врска. Од оваа перспектива тешко е да се каже дали ФИФА и УЕФА ќе останат на своето да не ја признаваат Каталонија и да имаат добри политички и економски врски со Шпанија.