Фудбалерите на Барселона доминираа со поседот на топката (28%-72%), неколку пати ја погодија рамката од голот и имаа неколку големи шанси, но Челси победи со голот на Дрогба што всушност претставуваше единствениот шут на Англичаните во рамките на голот.
Дидие Дрогба не одигра добро во текот на сезоната и можеби ова му е најлошата сезона во Челси, но како и секој врвен стрелец, ја искористи својата шанса во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме и му помогна на Челси да стигне го среќна победа и предност од 1:0 на првиот полуфинален натпревар против Барселона.
Барселона имаше 24 обиди кон голот на Челси. Санчез ја погоди пречката, Кол ја вадеше топката од гол линијата, свои шанси имаа и Меси, Фабрегас... и следеше казната.
По еден брз контра напад од Лампард и Рамиреш, искусниот Дрогба рутински ја спроведе топката во мрежата на Валдес за големо славје во Лондон.
Во второто полувреме домаќините успеаја да го спуштат темпото на игра и се затворија пред својот гол и во вторите 45 минути Барселона имаше две сериозни шанси, но Чех го одбрани ударот на Пујол, а Педро во судиското продолжение ја погоди стативата.
Ова беше прв пораз на Барселона по 15 натпревари, а во следниот период ги очекуваат два пеколни натпревари во рок од три дена. Во сабота е големото Ел Класико дерби против Реал Мадрид, а во вторник е реваншот против Челси на Камп Ноу каде на Ди Матео сигурно нема да му успее истата тактика како на овој натпревар.