Начинот на кој Марио Балотели се радуваше по постигнатиот гол против Германија на големо се коментираше во медиумите, а сликата потоа беше искористена и за разни фото монтажи. Но палавиот Балотели сликата на која ја демонстрира својата сила, сака да си ја чува во форма на статуа.
„Никогаш не сум се сретнал со Марио, но ја примив сликата која треба да ја изработам. Јас претставив и неколку други цртежи, но тој сака да биде овековечена позата каде што постигнува гол, нагласувајќи ги своите мускули", изјави сликарот Ливиот Шарпела.
За дизајнот на статуата ќе биде ангажиран архитектот Роберто Фалкони, а Балотели ова дело од своремената уметност ќе го чува на поткровјето на новата куќа во Бреша.
„Јас го замислив Балотели како атлетски граден спортист од античките времиња, така што статуата ќе биде мешавина од класични и поп стилови со платина, обоена бронза и очи направени од камења", вели Фалкони.
Балотели кој имаше успешно деби во дресот на Милан, казнет е со 10 илјади евра поради гестот кој им го упати на навивачите на Интер, кои го исвиркуваа на неделно дерби во Милано.