Пеколното темпо на натпреварот беше најавено уште во петтата минута кога Ди Мариа се обиде да ја уфрли топката од десната страна, но таа го погоди Алаба во рака и судијата Касаи не се двоумеше да покаже на белата точка.
Одговорноста ја презеде Кристијано Роналдо кој шутираше по десната страна, а голманот Ноер се фрли на спротивната и Реал Мадрид веќе водеше со 1:0.
Баерн Минхен можеше да возврати по само три минути, но Робен се посрамоти кога од непосредна близина шутираше високо над голот.
Во 12-та минута Баерн повторно имаше шанса за израмнување кога Гомез шутираше од околу 20 метри, а нафрлената топка дојде до Робен кој лошо реагираше и Кедира го спречи да упати нов удар.
Казната за пропуштените шанси пристигна по две минути. Озил го пронајде осамениот Роналдо кој со удар од далечина по втор пат се запиша во листата на стрелци, а воедно го постигна и својот 10-ти гол на исто толку натпревари во Лигата на шампиони оваа година.
Сепак останува отворено прашањето дали овој гол беше регуларен, односно дали Роналдо се наоѓаше во офсајд при додавањето од Озил?
Баварците не се предадоа и резултатски се вратија во игра во 27-та минута. По нафрлувањето на Крос од десната страна, Пепе го сруши Гомез во шестнаесетникот, па судијата Касаи по втор пат покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Робен кој намали на 2:1 и го израмни вкупниот резултат.
До крајот на првиот дел Гомез имаше шанса и да го израмни резултатот кога искочи сам пред Касиљас, но неговиот удар заврши директно во голманот на Реал.
Високото темпо на игра продолжи и во второто полувреме, но за разлика од првите 45 минути, во продолжението од натпреварот изостанаа сериозните шанси на двете страни.
Во поголемиот дел од второто полувреме Баерн Минхен напаѓаше како да игра на домашен терен, а фудбалерите на Реал Мадрид се бранеа повлечено на својата половина. Најсериозната шанса во второто полувреме ја имаше Гомез на четири минути до крајот на натпреварот. Робен одлично го проигра пред голот, но напаѓачот на Баерн направи потег повеќе и им дозволи на дефанзивците на Реал да го сопрат.
Регуларниот дел од натпреварот заврши со идентични 2:1 од првиот натпревар, а без поголеми возбудувања поминаа и двете продолженија од по 15 минути, со што вториот финалист од Лигата на шампиони мораше да биде одлучен по изведување на пенали.
Во првата серија пенали, Алаба погоди за Баерн, а за разлика од шестата минута, Ноер го одбрани ударот на Роналдо.
Во втората серија погоди Гомез, а Ноер го прочита и пеналот на Кака. Касиљас го одбрани ударот на Крос, Чаби Алонсо погоди за Реал, а во четвртата серија Касиљас го одбрани и пеналот на Лам, но Рамос биеше високо над голот. Одлучувачки беше ударот на Швајнтшајгер кој погоди и го одведе Баерн Минхен во финалето.