Атлетико и Реал ќе добијат по 20.000 карти за финалето

Раководните луѓе од Реал и Атлетико отпатувале во Милано каде ќе се договараат со организаторот и домаќинот околу финалето на ЛШ. Картите движат од 70 па до 440 евра во зависност од зоната.

Финалистите во Лигата на шампионите до денес заработиле по 47,5 милиони евра од УЕФА и ТВ правата. Оној кој ќе го крене трофејот на 28. мај во Милано ќе ја заврши сезоната со заработка поголема од 52 милиони евра.
 
Европската фудбалска унија соопшти дека мадридските клубови ќе добијат на располагање по 20.000 влезници, додека останатите 30.000 ќе бидат пуштени во слободна продажба. Капацитетот на Сан Сиро е 70.000 гледачи.
 
Легендарниот милански храм три пати низ историјата организирал финале на КЕШ или ЛШ и тоа во 1965, 1970 и 2001 година. Последното финале го играа Валенсија и Баерн Минхен кога Германците славеа на пенали. Влегувањето во финале на ЛШ носи многу работи оддеднаш: Можност да се крене најзначајниот европски клупски трофеј, директен пласман во ЛШ за следната година, раст на вредноста на играчите и секако многу, многу пари.
 
Во случајов, доколку пехарот отиде на Висенте Калдерон, во касата на клубот ќе се слеат над 52 милиони евра, многу повеќе од лани кога испаднаа во четвртфиналето и заработија 23 милиони евра. Во однос на астрономските заработки и натаму е неприкосновен Јувентус кој минатата година иако загуби во финалето, ја заврши сезоната со заработка од 89 милиони евра од разни приходи. Јуве земал речиси 30 милиони повеќе од шампионот Барселона која заработи 61 милион.
 
Со толкав гарантиран износ, клубот може да осигура сигурна иднина како што се плаќање на неизмирени долгови (кредити за иден стадион или финансирање на долгот) и редовно исплаќање на работната сила во клубот.