Игор Ангеловски кој летово направи сензација со Работнички откако го елиминираше Трабзон на гости и стигна до плејофот од Лигата на Европа, најавува дека ќе врти нов лист во Македонската фудбалска репрезентација која целосно ги загуби играта и самодовербата.
„Сакам да создадеме компактна целина која ќе знае што сака на терен и да постигнеме гол повеќе од противникот. Ги почитувам сите фудбалери, а мерило за да се вратат во репрезентацијата е нивниот учинок на терен. Треба да имаат форма на подолг рок, а не епизодна улога. Добро е што Црна Гора доаѓа во најсилен состав, бидејќи со тоа ќе одмерите сили со една квалитетна репрезентација. Ги почитуваме максимално, но ние ќе се концентрираме на нашиот стил кој сакам да го наметнам, а тоа е похрабра и поофанзивна игра“, вели новиот македонски селектор.
По враќањето на последните два квалификациска меча, во репрезентацијата е и Иван Тричковски кој заедно со Пандев се очекува да имаат голем придонес за враќање на формата и атмосферата во тимот.
„Атмосферата е многу попозитивна на овој собир и му посакувам на селекторот добар старт. Ние сме тие кои треба да го претставиме во најдобро светло на теренот и ќе дадеме сè од себе. Ќе се обидеме со победа да тргнеме кон нов почеток. Пандев е најголемо засилување за сите нас. Со нетрпение го очекуваме неговото враќање во тимот“, изјави напаѓачот на Легија Варшава.
Кам бекот на Пандев и подобрувањето на атмосферата на овој репрезентативен собир ги истакна и Ванче Шиков.
„Имаме една година добро да се подготвиме за новиот квалификациски циклус. Од она што може да го забележам од работата овие неколку денови, ми се допаѓа што ќе играме поофанзивен фудбал. Сигурен сум дека оваа селекција има потенцијал за многу поуспешни резултатски настапи од досегашните“ – рече членот на Австрија Виена.
За пријателскиот дуел, Црна Гора во составот ги најави и двете ѕвезди Стеван Јоветиќ и Мирко Вучиниќ.