Алесандро Дел Пјеро е голем професионалец кој му даде голема љубов на фудбалот. Во ерата на хипер професионалци, тој е вистински пример кој игра[e со душа, рече Јохан Кројф за еден од најдобрите италијански напаѓачи во историјата.
За Џиџи Фуфон нема да има друг како Дел Пјеро во следните 150 години. Според него тој што ќе ја носи 10-та во Јуве во иднина, прво треба да знае кој ја носел, како ја и носел и како се однесувал.
„Тој за мене беше модел за играч и шампион кој од секогаш сум го обожавал“, изјави Кристијано Роналдо.
„Му даде сè на фудбалот, на Јувентус и на Италија. Играше неверојатен фудбал и е човек на кој не можеш да не му се восхитуваш“, рече Меси
„Алекс е мојот идол. Ги изведуваше слободните удари подобро од мене и ова не го кажувам колку да го кажам. Јас сум добар од прекин, ама тој може да бие од уште подалеку. Имаше едно ефе кое е многу ретко“, кажа Роналдињо.
„Ми требаа 10 минути за да сфатам каков играч ќе стане. Тој е еден од оние кои ќе останат во аналите. Алекс е пред сè народен човек“, рече Џовани Трапатони.
Величината на Дел Пјеро е веројатно повеќе од сфатлива после изјавите на овие ликови. Но кај него има уште една карактеристика по која се двои во овој модерен фудбалски свет на милијарди, а тоа е човечноста.
Има многу пари и огромна популарност, но секогаш е застанат на нозе и не заборава како почнал и како бил воспитан. Људина.
„Иако станав богат, секогаш го имав истиот пристап кон животот. Точно е дека парите решаваат многу практични проблеми, тоа не може да се негира, но познавам многу богати и истовремено тажни луѓе.
Во овој свет има осаменост, понекогаш и депресија. И ние сме луѓе со чувства, па дури сме и кревки. Гледам луѓе кои имаат многу пари и ги трошат без концепт и се расфрлаат. Јас сум горд на тоа како ме воспитале родителите.
Горд сум на татко ми кој си свитка грбот од работа како електричар и мајка ми која го има измиено подот во сите куќи во Конељано.
Пресреќен сум што имав детство во кое желбите ми биле остварувани во согласност со можностите и никогаш повеќе.
И кога дојде убавото време да се излегува надвор со другарите, се шеташе низ маало, се крадеа цреши и се играше со мојата омилена топка, фудбалот. Сето тоа беше многу убаво и незаборавно“.
Аплаузи на Бернабеу не се даваат за било кој играч од страна. За лојалноста кон Јуве и кога испадна во втора лига да не правиме муабет, тоа е приказна за себе.