Алегри го пофали судијата пред камери, федерацијата го бара видеото

Дерби од типот на Интер и Јуве во финишот од сезоната со таква важност тешко поминува без некоја контроверзна ситуација за која ќе се зборува цела недела. Плус во случајов Јувентус е во прашање.

По мечот со Интер, Масимилијано Алегри во микс зоната непотребно врза еден кус муабет со судијата Паоло Таљавенто, со кој само отвори нови сомнежи дека Старата Дама не игра чесно надвор од терените.
 
Стратегот на Јуве додека даваше изјава се сврте накај Таљавенто кој беше во улога на четврти судија на дербито и ја искоментира работата на главниот судија на мечот Даниеле Орсато со следниве зборови:
„Здраво Таља. Добро помина нели? Добар беше, го положи испитот“.

Видеото се рашири како оган на социјалните мрежи каде се поставува прашањето дали Алегри е само ироничен во разговорот или искрен.
 
Паралелно со тоа видео има уште едно за кое има бура од реакции. Се работи за една снимка во која Таљавенто по голот на Квадрадо за 2:2 комуницира со другите судии.

Едни тврдат дека вели „Nel recupero vinciamo“ (Ќе победиме во судиско продолжение), а други „quanto recupero facciamo“ (Колку минути ќе продолжиме).
 
Вистината веројатно за брзо време ќе се дознае затоа што обвинителот на фудбалската федерација на Италија ги побара видеата на проверка.
30 април 2018 - 11:53