Пред формирањето на Бундеслигата, германскиот фудбал се играл на аматерски ниво во повеќе регионални лиги, а полупрофесионалните клубови започнале да функционираат дури во 1949-та година. Во тоа време регионалните шампиони играле помеѓусебе плејоф натпревари и на тој начин го одредувале германскиот шампион.
Клубовите никогаш не просперирале, најдобрите фудбалери ја напуштале Германија, а репрезентацијата бележела слаби резултати. Кулминација на разочарувањето била елиминацијата од Југославија во четврт-финалето на Светското првенство во Чиле по што Германската фудбалска асоцијација на 28 јули 1962-та година ја носи историската одлука за формирање на заедничка лига.
Следната, 1963-та година е историска година за германскиот фудбал. На 24 август стартува германската Бундеслига составена од 16 тимови од 5 региони кои биле избрани според успехот, историјата и економскиот статус. Во првата сезона немало место за Баерн Минхен и „Баварците" се приклучиле 2 години подоцна.
Првиот натпревар го одиграле Дортмунд и Вердер, а Тимо Кониецка го постигнал премиерниот гол по само 58 секунди игра. Прв шампион на Бундеслигата е екипата на Келн.
Останатото е историја. Германската Бундеслига веќе втора година по ред е најгледана фудбалска лига во Европа со просечна посетеност од 42.109 гледачи по натпревар. Колку за споредба, втората најпосетена лига, англиската Премиер лига има во просек по 35.300 гледачи.
Освен по бројот на гледачи, германската Бундеслига е во врвот на европскиот фудбал и според економијата и квалитетот и покрај тоа што нејзината историја е долга само 50 години. Веќе неколку години клубовите од Бундеслигата бележат огромни профити, а оваа сезона дури 7 клубови (3 во ЛШ и 4 во ЛЕ), ќе ја претставуваат Германија во пролетниот дел од европските натпреварувања.