Челси годинава е непоразен во Премиер лигата. Во Лигата на шампионите е на чекор од следната фаза, добро турка и во домашните купови, но тоа никако да ја разбуди театралната и разгалена публика на Стемфорд Бриџ.
„Сите знаат колку сум поврзан со клубот и со навивачите, но во моментов полесно ни е кога играме на гости, затоа што дома како да играме пред празни трибини. Околу себе гледав како нема никој и како е тишина. Играчите се фрустрираат кога навивачите мислат дека натпреварот лесно ќе се добие“, изјави Мурињо, критички настроен кон навивачите на Челси.
Дејли Мејл наведе листа од 10 работи поради кои навивачите на Челси треба да загреат грло и дланки кога се на трибините.
1. Жозе Мурињо
По неколку години отпуштања и назначувања тренери, Роман Абрамович конечно ги послуша барањата од навивачите и го врати Мурињо на клупата. Португалецот во 2003-та му ја донесе првата титула на Челси по 50 години и навивачите треба да ценат сè што прави за нив. Освен стандардното скандирање „Жозе Мурињо“ на секој натпревар, навивачите на Челси и немаат досетливи песни и бучно навивање.
2. Како да го гледаш Бразил
Добро, не Бразил од Светсково, туку Бразил како синоним за убав фудбал за око. За разлика од првиот мандат на Мурињо во Челси, кога таа генерација играше слепо доследно и досадно борбено, во актуелниот состав на Челси има еден куп технички потковани фудбалери. Ако тие не се доволни да те кренат од место и да навиваш, тогаш не јасно е што е потребно, пишува Мејл Спорт.
3. Шампионски амбиции
Ако по 10 одиграни кола во Англија, навивачите на Челси не го гледаат нивниот тим како главен фаворит за титулата, тогаш се наивни. Манчестер Сити и Арсенал се расфрлаат со бодови, Ливерпул не е ни бледа сенка од тоа што беше лани, а Манчестер Јунајтед стартуваше полошо од лани со Дејвид Мојес.
4. Дрогба се врати
Творец на сите успеси на Челси во претходната декада. Со головите на Дрогба, сините стигнаа до трофеи во ЛШ, во Премиер лигата, во ФА купот и во Лига купот. Дали некој навивач на Челси може да ја заборави минхенската вечер или ноќта на Вембли? Но, радоста поради враќањето на Дрогба на Стемфорд Бриџ траеше само во првите неколку кола.
5. Пеколна средина на теренот
Цеск Фабрегас, Немања Матиќ и Оскар го чинеа Абрамович преку 70 милиони фунти. Со 27, 26 и 23 години, оваа тројка може да уште долго да ја носи играта на Челси. Кога нив ќе им се придодадат Азар, Вилијан и Ширле по крилата, јасно е дека навивачите на Челси едноставно мора да бидат задоволни.
6. Расниот стрелец Диего
Здравиот разум логично размислува дека Челси лани ќе ја освоеше титулата ако во составот имаше добар напаѓач кој ќе ги разоруваше противничките одбрани. Во моментов тоа е Диего Коста, кој не знае за доста кога головите се во прашање. Неговото диво прославување на головите уште повеќе би требало да ги разбуди трибините. Нема клуб во Премиер лигата кој не би го посакал Шпанецот во своите редови.
7. Конечна битка со Реал и Баерн
Според многу коментари, единствено Челси може да ги сопре Реал Мадрид и Баерн Минхен годинава. Лондонскиот клуб го има најдобриот состав во својата историја, но без гласна поддршка од трибините тешко дека ќе може да игра на 4 фронта годинава.
8. Романовата Империја
Единаесет години поминаа и уште е мистерија како Абрамович и понатаму со ист ентузијазам го води клубот. Навивачите на Челси не би сакале да се потсеќаат на претходникот Кен Бејтс и просечниот тим во негово време.
9. Комфорниот стадион
На половина од својот мандат, Абрамович сакаше да изгради комплетно нов стадион, затоа што стариот не беше ниту за второлигашки натпревари. Русинот се откажа од намерата и реши да финансира реновирање на постоечкиот кој е среден по сите модерни стандарди. Во минатото, Стемфорд Бриџ немал покрив на сите трибини, а паркингот бил до самиот терен.
10. Челси никогаш не бил толку силен
Многу модерни навивачи на Челси знаат само за успеси. Клуспките простории во последните 10 години се збогатија со 3 трофеи од ПЛ, 4 од ФА купот, 2 од Лига купот, 1 од ЛШ, 1 од ЛЕ. И не е толку лошо, особено ако се знае дека до 1988-ма Челси беше стандарден второлигаш, а најголемиот успех пред ерата на Абрамович беше третото место во 1999-та година.