Мат Емболо во своето време решил од Камерун со семејството да се пресели во Швајцарија, за што син му Брел (роден 1997-ма) засекогаш ќе му биде неизмерно благодарен.
На 13 години малиот Брел Емболо веќе бил во академијата на Базел каде сигурно научил повеќе отколку што би научил во Камерун. За матичниот клуб Базел дебитирал после четири години, на 17 а на 19 веќе стана трикратен шампион на Швајцарија. Особено добро ја одигра последнава сезона во која даде 13 голови и имаше 9 асистенции на 40 средби во сите натпреварувања.
Базел веќе трие раце за парите кои може да ги добие од „новиот Дрогба". Минатата зима Базел одби дури 27 милиони евра од Волфсбург за Емболо. Камерунецот лани дебитираше за репрезентацијата на Швајцарија и досега запиша 9 настапи на кои даде еден гол. На Европското се очекува да влегува од игра како џокер.
Ренато Санчез (Португалија)
Играч од средина на терен, 18 години
Клуб: Баерн Минхен
Неодамна младата португалска ѕвезда ја замени Бенфика за Баерн Минхен кој за него плати 35 милиони евра. Никогаш така млад играч не бил викнат во составот на Португалија за едно Европско првенство. Претходниот рекорд го држеше Кристијано Роналдо кој со 19 години учествуваше на домашното ЕП 2004. година. Ренато Санчез ја почна сезонава во вториот тим на Бенфика, но за неколку месеци стана стандарден првотимец во првиот тим.
Синоќа на пријателската со Англија на Вембли само што влезе направи неколку одлични потези, а во неговата игра уживаа Венгер и Мурињо од трибините.
Не случајно на 22 меча на кој се појави „Орлите" забележаа 20 победи во првенството и повторно ја освоија титулата. Ренато играше и во Лигата на шампионите. Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош досега го пушташе како резерва од клупата, затоа што на средината од теренот има поискусни играчи.
Анте Чориќ (Хрватска)
Полушпиц, 19 години
Клуб: Динамо Загреб
Сезонава која заврши извесно ќе биде последна на Чориќ во Динамо Загреб. За него се заинтересирани клубови од Премиер лигата а главен фаворит е Манчестер Сити кој наводно нуди 12 милиони фунти за Хрватот. Досега Чориќ има еден настап за сениорите на Хрватска. Селекторот Анте Чачиќ на последната пријателска на „Коцкестите" му даде 45 минути на Чориќ што значи дека може ќе го видиме на ЕП почесто.
Александар Зинченко (Украина)
Полушпиц, 19 години
Клуб: Уфа
Руската публика добро го познава Зинченко кој последните две години е права ѕвезда на клубот Уфа. Статистички можеби не делува така (2 гола + 4 асистенции на 31 меч), но неспорно е висок потенцијал. Веќе го гледале скаути на Сити и на Дортмундм но семејството Зинченко сметало дека е рано време да замине во странство. Фудбалската федерација на Украина минатата година не ризикуваше да го загуби и 18-годишниот Зинченко дебитираше за сениорската репрезентација, а неодамна стана и најмладиот стрелец за оваа селекција во историјата.
Бартош Капустка (Полска)
Крило, 19 години
Клуб: Краковија
Уште на 17 години Бартош дебитирал во првенството на Полска, и од тогаш е стандарден играч на Краковија, екипа за која минатата сезона даде четири гола и имаше девет асистенции. На дебито за репрезентацијата даде гол против Гибралтар. Има реални шанси да игра во почетниот состав на Полјаците на ЕП. Одличните игри за клубот го препорачале кај селекторот кој нема многу крила.
Емре Мор (Турција)
напаѓач, 18 години
Клуб: Нордшјеланд
Синот на Македонка и Турчин можеше да бира за која од трите репрезентации ќе настапува (Данска, Турција, Македонија). Мор потекнува од школата на Копенхаген каде играл кратко. По неколку месеци двоумење, Мор се одлучил за татковината на татко му. До минатата година играше за различни младински репрезентации на Данска и Турција, а неодамна дебитираше за турската сениорска селекција (против Црна Гора во Анталија).
Мор е висок 168 сантиметри и има неверојатен дриблинг и стартна брзина. За кратко време успеал да стане еден од подобрите играчи во данското првенство. Летово извесно е да премине во Дортмунд за сума од 1 милион евра. Ако настапи на Европското, цената ќе му скокне значително.
Играч од средината на теренот, 19 години
Клуб: Борусија Менхенгладбах
Пред неколку години Менхенгладбах го купи јуниорот на Цирих за 4 милиони евра. Огромна сума за таа возраст и непознат талент. Најпрво играл во втората екипа на Борусија, а во ноември лани од младинците го префрлиле во првиот состав. Настапи на 21 меч сезонава во Бундеслигата.
Дебитираше за Швајцарија на крајот од пријателската против Белгија. Висината од 188 сантиметри му овозможува поддеднакво добро да игра на неколку позиции. Има одличен прв пас и силен е во дуелите.
Денис Закарија (Швајцарија)
Полушпиц, 19 години
Клуб: Јанг Бојс
Во последно време Швајцарија на фудбалскиот свет му даде повеќе таленти од Белгија. Етнички мешаната швајцарија има одлични таленти во секоја категорија. Како и Елведи, дојденецот од Киншаса, Закарија дебитираше во репрезентацијата минатата недела.
Минатата сезона младиот играч беше стандарден во Јанг Бојс кој го купи минатото лето од Сервет за 400.000 евра. Следниот трансфер сигурно ќе му биде со повеќе нули. Конгоанецот со швајцарски пасош се очекува да заигра на Европското.